Втора награда на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“

Тоа утро воздухот мирисаше на заплет – анксиозноста се чувствуваше во воздухот.
Јоана одеше по улицата и го прочита името на уличната табла. Улицата се викаше Јордан Хаџи Константинов-Џинот, а беше мала и тесна. Тоа дополнително ја изнервира.
Пред да излезе од станот, Јоана имаше жолчна расправија со девојка ѝ Јана.
За нивната закрвеност сведочеше и Пикасовата „Герника“ закачена над брачниот кревет. „Герниката“ беше купена за симболично да ја слави слободата во спалната соба, за разлика од онаа на улиците.
Јоана се движеше низ скопските улици како низ бунило, а расцутените липи правеа да се чувствува како невротичен карактер од филмовите на Вуди Ален.
Јоана беше лута бидејќи заробена ја чуваа два папагали. Едниот беше жолт, другиот сив. И папагалите имаа слична врска како нивните сопственички – понекогаш бесна, понекогаш песна. Односно сопственичка. Папагалите беа на Јана. Дојдоа во пакет со станот и со Јана.
Жолтиот папагал беше постар и го мразеше помладиот сив папагал бидејќи дојде ненајавен и го подели вниманието на половина. Сивиот папагал беше хронично исплашен и хроничен мастурбатор. Мразеше што не ја добиваше љубовта од жолтиот папагал. А зошто сивиот папагал не ја доби љубовта од жолтиот папагал е навистина интересна приказна.
Папагалите се бесполови суштества пред да достигнат репродуктивна зрелост. Како бебиња, не можете да знаете дали тие се машки или женски единки. Јана го удоми сивиот папагал уште како бебе и мислеше дека ќе прерасне во женка. Сивата боја е доминантна кај женските единки, како бисерната шара на пердувите. А тогаш малото папагалче било бисерно бебе.

Но кога сивиот папагал за првпат се измитари, исчезна бисерната шара и тој стана машка единка. Почна хронично да мастурбира, фрустрирајќи го жолтиот папагал, кој стана територијален. Поради непредвидливиот редослед на случајности, како и секогаш, двата папагала станаа геј.
Па така, двете птици гугаа низ станот, серејќи насекаде. И врз „Герниката“. Како да сакаа да испратат некаква порака. Јоана беше заробена во станот од два геј-папагали и тие ја топореа својата љубов како да се подобри од неа. Таа не го бараше ова. Помеѓу црцорот на папагалите и лавовските рикања што доаѓаа од Зоолошката градина, кои се одбиваа од вечно неотворените прозорци на станот во Дебар Маало, Јоана не знаеше кога животот ѝ стана џунгла. Не само што ѝ стана џунгла туку се почувствува изневерена и од својата Џејн.
Во име на иронијата, љубовта на папагалите цутеше во домот на Јоана и Јана, нивното безбедно, но завоено гнездо. Тие се караа токму за папагалите. Јоана сметаше дека Јана ги става нив на прво место, давајќи им ја слободата што ја одзема од врската. Јоана беше жива педантерија и ја мразеше слободата што ја имаа папагалите што сереа насекаде. Се чувствуваше дека серат и врз нејзиниот, ајде да го наречеме авторитет, но и слобода.
Самракот се спушташе со сина маглина и во темнината предеше непознатото. Тогаш како аларм се огласи и залутаната кукувија, звучејќи како архангел.
Одеднаш кукувијата беше пресечена од рикањето на лавот, па птиците се вознемирија. Градот стана џунгла.
Јоана работеше на лаптоп удобно сместена во креветот, со папагалите над глава, растревожено колвејќи ја „Герниката“. Вознемирени, тие ја уништуваа сликата, додека Јана ја отвори вратата од балконот за да влезе во станот. Заборави дека птиците се во спалната. Папагалите збунето одлетаа во ноќта, а Јана вџашено гледаше како ја напуштаат нивната вештачка слобода и летаат под ѕвездите, станувајќи плен за градските ѕверки.
Јана панично, во пижами, како невротична личност од филмовите на Вуди Ален почна да трча низ дебармаалските улици довикувајќи ги папагалите.
Јоана, осветлена од лаптопот, седеше под распарчената „Герника“ и за првпат почувствува слобода.

Ивана Смилевска