Во издание на „Бата прес“ се објави книгата за деца и млади „Фудбалски сон“ од познатата холандска авторка Линеке Дајкзул. Романот од холандски на македонски јазик го преведе Ели Пујовска. Објавувањето на ова дело е поддржано и од „Холандската фондација за литература“ и е во рамките на проектот „За нивната иднина“, со кој „Бата прес“, во текот на оваа и во наредната година со поддршка од Европската Унија, во програмата „Креативна Европа“ ќе објави 15 книги за деца и млади од 15 познати европски автори.

Ова е книга за фудбалот во која при читањето ќе уживаат дури и оние што не сакаат спорт. Се чини невозможно, но така е. Момчињата Рахман, Тигани и Хенри имаат талент, што значи имаат некаква шанса да избегаат од големата сиромаштија во нивното село во Африка. Нивниот тренер има контакти во фудбалски клуб во градот и ќе ангажира скаут да дојде и да види колку вешто тие можат да ја шутираат и да ја водат по правот рачно изработената топка.

Холандската писателка Линеке Дајкзул е родена во 1950 година. Таа е авторка што е најпозната по своите детски и тинејџерски книги.