Имало доста ситуации низ кои сум поминал поради добра фотографија, како што се вадење ракавица средe зима на поларни температури, чекање во едно место на дожд и снег за да фатам одреден момент или, пак, да бидам обиколен од агресивни овчарски кучиња додека фотографирам, раскажува Стефановски

Бобан Стефановски, фотограф

„Планината го има последниот збор“ e првата самостојна изложбата на планинска фотографија на Бобан Стефановски, која ќе биде отворена во центарот за култура „Трајко Прокопиев“, вечерва, во 19 часот. Бобан Стефановски е планинар и планинарски водич, човекот што се има искачено на неколку планински врва низ светот, како и на највисоките врвови кај нас.
Преку неговите фотографии тој ни покажува фрагменти од животот на планината и ни дава можност да допреме до височините и да ја почувствуваме магијата на недостижното што авторот го достигнал.

Што ќе содржи изложбата „Планината го има последниот збор“, кои моменти од планината решивте да поделите со публиката?
– „Планината го има последниот збор“ е избор на неколку моменти од мојот живот на планина, неколку сегменти од многуте што сакав да ги споделам со публиката и на миг да ги пренесам убавините за кои сум сведок додека сум таму и уживам во погледот. Сите овие сегменти ми поминале пред очи со годините откако се занимавам со овој спорт.
Кои се најскапоцените моменти/фотографии од планината?
– Не би можел да одделам и да кажам кои ми се омилените фотографии, бидејќи секоја фотографија раскажува одредена приказна и е посебна сама за себе. Што се однесува на тоа кои се најскапоцените елементи, би кажал дека секој миг и момент се посебни, секое трепнување со очите е уникатно, бидејќи сте сведок на единствен, уникатен момент пред вас, без разлика дали тоа е убав пролетен ден, кога се пружа прекрасен поглед пред вас, или пак кога ќе ве фати невреме и кога од маглата не можете да го видите човекот до вас.
Беше ли тешко да се направи селекцијата на направени фотографии за изложбата?
– Искрено, многу беше тешко да се одделат и селектираат финалните фотографии. Низ годините имам направено безброј фотографии на безброј планини на кои сум бил, и секоја е посебна и уникатна сама по себе, поради приказната што ја носи секоја од нив. Морам да кажам – иако сите планини се убави на свој начин, поголемиот дел слики се од мојата омилена планина – Шар Планина. Тоа е мојата најпосетувана планина, која буквално стана дел и синоним за мене низ годините. Меѓу другото, на изложбата може да се видат и фотографии од моите експедиции на Алпите, Арарат, Дамаванд, искачувањата на Дурмитор, Триглав…


Планината го има последниот збор… Каква симболика носи насловот?
– Не случајно изложбата се вика „Планината го има последниот збор“. Целата изложба, т.е. темата на фотографиите се самата планина и искачувањата, а името си носи одреден симболизам тесно поврзан со самата планина. Прво и основно – планината или одреден планински врв не се освојуваат, како што знаат да кажат многу луѓе. Баш напротив, тие се качуваат, меѓутоа само под услов да ти дозволи планината. Никогаш не треба да одиме против планината, а ако успееме да ја почувствуваме нејзината енергија, ќе знаеме дали тој ден треба воопшто да тргнеме на тура или не. Кон планината треба секогаш да имаме страхопочит, а доблеста и разумноста да се вратиме назад на самиот старт, на половина пат или пак буквално на сто метри под врвот не треба воопшто да ни претставуваат проблем или удар на егото, бидејќи на тој начин луѓето гинат и планината буквално ќе те изеде ако одиш против нејзините правила. Затоа планината секогаш го има последниот збор.
Какви ситуации имате во архивата од правење жртва на планина за добра фотографија?
– Имало доста ситуации низ кои сум поминал поради добра фотографија, како што се вадење ракавица среде зима на поларни температури, чекање во едно место на дожд и снег за да фатам одреден момент или, пак, да бидам обиколен од агресивни овчарски кучиња додека фотографирам се само мал дел од тие ситуации.
Колку е важна фотографијата при вашите искачувања на планини?
– За мене, фотографирањето не е само правење фотографија и објавување на социјалните мрежи. За мене, фотографијата претставува овековечување на еден момент, една секунда од моето време додека сум во природа, да фатам една снегулка додека вее снегот кога сум таму. За мене, фотографијата не се само планините на кои одам, не се само пејзажите и убавите погледи што ги гледам, високите врвови и долини. Фотографијата ги претставува сите мои лични успеси и порази, сите битки низ кои поминувам на планина, без разлика дали се внатрешни или надворешни.
Која е „најфотогеничната“ планина?
– Како што кажав и погоре, секоја планина си носи своја убавина. За мене лично тоа е Шар Планина, планината што е една од најубавите, меѓутоа и најопасните планини кај нас, особено во зима. Како и секоја планина што си има своја убавина, така и секоја фотографија си раскажува своја приказна, која пак има своја убавина поврзана со мене, која сакам да ја овековечам и пренесам до другите.
Кои се следни планини на листата на желбите?
– Несомнено тоа би биле Алпите, Кавказ и Андите.