Дарко Бајиќ, српски филмски режисер
Филмскиот режисер Дарко Бајиќ беше дел од жирито на фестивалот на медитеранскиот и балканскиот филм „Преку езерото“ во Дојран. Како специјален гостин на фестивалот одржа и мастерклас за студентите, на кои им сподели лекции што не може да се прочитаат во учебниците и се учат само преку искуството во животот.
Дарко Бајиќ (1955) дипломира во 1982 година, со долгометражниот игран филм „Директен пренос“. Тој е првиот студент што дипломира со долгометражен игран филм. Особено се прославува со режијата на ТВ-серијата „Сивиот дом“ (1984-1985). Серијата станува исклучително позната низ поранешна СФРЈ. Неговиот потпис го носат филмовите: „Трага“ 1981, „Директен пренос“ 1982, „Сивиот дом“ 1984, „Заборавени“ 1988, „Црниот бомбардер“ 1992, „Балкански правила“ 1997, „Војна во живо“ 2000, „Цимерки“ 2004, „На убавиот син Дунав“ 2008, „Ќе бидеме шампиони на светот“ 2015, „Името на народот“ 2020.
Дарко Бајиќ е професор по режија на ФДУ во Белград.
Од каква важност е фестивалот „Преку езерото“, како и сите други филмски фестивали?
– Фестивалот е добар доколку има живот во него, во овој дефинитивно има. Колку се важни фестивалите? Некои велат дека има многу фестивали, некои малку. Но без разлика кој што вели, ако публиката покаже интерес фестивалот може да постои. Фестивалите не само што ги збогатуваат луѓето туку и ги учат. Ова е јуначки обид да се создава фестивал. И е навистина за восхит. Она што го одржува овој фестивал е пред сѐ ентузијазмот. Пред 15 години и јас основав фестивал на филмска режија. Успеав да донесам добри филмови, режисери, да креирам нови идеи. И прекрасно е да гледаш како студентите на фестивалите се вмрежуваат, учат, се запознаваат. Младите и возрасните се заедно. Комуницираат и имаат заемна корист. Младите од старите примаат искуство, старите од младите крадат инстинкт, кој е многу важен. Тоа е добар спој.
Што ви беше важно да им посочите на студентите на мастеркласот?
– Мастеркласот беше посветен на моментот кога аналогниот филм се претвора во дигитален филм. Клучниот момент на мастеркласот беше посветен, всушност, на Кјубриковиот филм „Одисеја (2001: Вселенска Одисеја)“. Пионерски потфат во кинематографијата, еден од најреалистичните научни филмови. Филм во кој аналогната фотографија направи филм за иднината. Дури и денес важи за добар филм, водечки во однос на сегашните, кога имаме голем прогрес во технологијата и многу повеќе информации за вселената. Зошто е тоа така? Можеби затоа што во аналогната ера преовладуваше фантазијата. Тоа победува. Значи од филмот можете да направите банална копија на некој сегмент од денешниот живот или во него да создадете целосно нов свет. И тоа е ваш свет. Аналогните искуства се важни. Технологијата и техниката денес преовладуваат во филмот, како и во сѐ друго. И треба да користиме сѐ ново, но и да внимаваме да не ни го одземе она што го сакаме, она што ни ја одржува страста во работата.
Новото време наметнува постојано да се произведуваат нови филмови.
Како настана хиперпродукцијата?
– Екипите што снимаат серии почнаа да е натпреваруваат кој ќе направи повеќе сцени во еден ден. Постепено бројот се зголемуваше. И со текот на времето ја забрзаа продукцијата и настана хиперпродукција. Но што е со креацијата? Креативноста на режисерот. Дали има доволно време да мисли? Во последно време режисерот само реализира, нема време ниту да режира филм. Тоа е опасноста. Мора да се бориме за живот, за она што најмногу ни значи. Треба да имаме доволно време да го живееме животот, но и да уживаме во она што го работиме, тоа го сметам за слобода. Тоа ако ни се одземе, тогаш сѐ се губи. Настанува бирократизација. А таа бирократизација постојано се обидува да ни го одземе слободното време. Тоа е најголемата опасност за модерниот човек. За да го направи тоа, бирократизацијата користи нова технологија. Новата технологија колку ни помага, толку и ни одмага. Еве, на пример, вие можете на ЧетГПТ да му побарате да ви напише „како би изгледал мојот разговор со Дарко Бајиќ?“ и тој ќе го заврши тоа солидно добро. Но тоа нема да биде исто како разговорот што го водиме ние сега. Тоа е вештачко и не се случило. За некои работи ние сега се согласуваме, за некои не, тоа таму го нема. Вештачката интелигенција знае дека не смее да има конфликтни прашања, не смее да зборува за политиката во мојата земја, за политиката во твојата земја, за Европа.
Велите дека филмовите треба да бидат провокативни?
– Филмовите од европската кинематографија во последно време обработуваат исти теми: рамноправност на половите, ЛГБТ, семејно насилство… Програмирани се да добијат некој грант, имаат предност, се фаворизираат. Постојано се прават напори филмот да се стави во некој калап. Јас правам филмови што се провокативни и ги советувам студентите да бидат провокативни, да го елиминираат стравот, не можеме да згрешиме. Треба само да се комуницира со публиката, таа нека одлучи дали сме во право или не.
Суштината на филмот е темата, таа е изворот на животот во филмот. Какви теми ви останаа нереализирани?
– Уште една работа. Мојот следен филм ќе биде политички трилер. Една од главните реченици во филмот, која уште не знам дали ќе ја ставам на почетокот или на крајот од филмот, е изјава на новинарката Кристин Аманпур, која има добиено Пулицерова награда. Изјавата е: „Новинарот може да ја зборува вистината или лагата, зависи од ситуацијата“. Кога тоа го кажува еден новинар, тоа значи дека сите ние сме во некоја воена зона и треба да се запрашаме каде е суштината. Ако еден новинар не ја зборува вистината, како една вистина не е битна, ако борбата за вистина не е битна, па не сме ни ние важни. Не е важно дали си храбар новинар, ниту храбар режисер, се бара да бидете само добри ученици на вештачката интелигенција. Следната година напролет треба да почне снимањето на филмот. И има работен наслов „Војната е само појак вирус“. Постојано имам идеи за нови теми и мора да имам. И како што стареам сѐ повеќе сакам да се занимавам со историјата. Дури и почнуваат да ме бараат за тоа. И најмногу поради тоа што имаме голем простор за имагинација да прикажеме време во филмот на кое не сме биле сведоци, туку само го замислуваме во нашата глава, како всушност изгледало тоа време – не знаеме. Тоа е интересното во историскиот филм и тоа е она што ме привлекува. И тука е и Википедија, но треба да се влезе подлабоко во приказната, да се открие вистината, затоа што често знаат да нѐ насочат во погрешен правец. Затоа и ме импресионира изјавата на Кристин и ѝ давам важност во филмот. Навистина вистината е загрозена од многу страни и денешниот човек има проблем да ја види вистината, да дојде до неа, да процени што е вистина. Па и тоа е интересно, нели, тоа е борбата. И во кинематографијата денес имате, на пример, Марвел-филмови, кои пласираат луѓе од челик, со супермоќи и кои победуваат сѐ. И од друга страна имате европски Марвел, еден таканаречен бирократски пристап на филмот, кој нуди јунаци што тешко живеат, се борат со болести, сиромашии, проблеми… Моето прашање е каде е јунакот на нашиот живот? Каде е јунакот што се бори и што не мора да победи. Е, тоа не сакаат да го видат ниту едните ниту другите. Не сакаат да нѐ видат нас како борци. Затоа што не им одговара. Зошто? Затоа што ќе ги промениме работите. Ќе овозможиме да се живее Европа во различностите, уникатните култури, традиции и оттаму ќе ги извлечеме јунаците. Но не, Европа сака да бидеме послушни и да правиме како што сака таа.
Кога ќе начекате слободно време што гледате за себе, за своја душа?
– Кога гледам филм сакам да го гледам во кино. И не сакам никој да ми го одзема тоа. И дека сум во право мојата серија „Сивиот дом“, една од најпопуларните серии на југословенските простори, ја дигитализирав и ја гледав во кино. Знаете какво беше чувството. Технологијата денес си игра со нас, од големи екрани дома до мобилни телефони. Киното му дава поинаква перцепција на филмот од секој аспект, плус ја слушате реакцијата на публиката. Знаете на кои дијалози реагираат. Учите што ги интересира, како размислуваат, се запрашувате дали сте во право со својата идеја, дали ќе има ефект, затоа киното е генијално и мора да постои. Треба да се избориме за тоа. Технологијата мора да ја зауздаме. Како и бирократијата. Сакам да гледам филмови што имаат свои јунаци, сакам јунаци што се борат, кои ќе ме убедат поинаку да размислувам, кои ќе му дадат енергија на филмот, на киното. Не се памти цел филм, памтиме само сцени, кои ни будат некои емоции, сетила, ни остават некоја трага. Кога избирам филм, еве пак ќе го спомнам „Одисеја“, кој и ден-денес е впечатлив, незаменлив. И „Последното танго во Париз“, филм со многу енергија, кој го менува односот на љубовта, кој зборува за ослободувањето, слободата.
Ги репризирате ли своите филмови?
– Си ги гледам, секако. И пред секој протест го гледаме „Бомбардер“, со цел да им инјектираат серум на луѓето да се борат. И постојано кога ги снимав филмовите ми велеа дека не е време за нив. Па јас одговарав, па кога е вистинското време ако не кога е невреме. Филмовите се прават во време кога е невреме, треба да бидат провокативни. Тие филмови ја навестуваат иднината. Нивните песните се пеат. Служат како референца на едно време. Е, тогаш знаете дека сте направиле нешто. Филмови што траат.