Седми по ред фестивал „Богородичен покров“
Седмиот по ред меѓународен филмски фестивал за културни, духовни и хумани вредности „Богородичен покров“, кој е единствен од ваков жанр во нашата држава, годинава се одржува онлајн од 17 до 25 декември. Во програмата на фестивалот се прикажуваат документарни и играни филмови посветени на културното духовно наследство и хуманоста, како и историски и биографски филмови.
– Од оваа година фестивалот прераснува во мултимедиумски проект, со издаваштво, музички концерти, изложби и други културни и уметнички настани. Во рамките на фестивалот ќе се промовира книгата на авторот Миле Гиновски, „Како ја видов Мајката Божја-Богородица“, сведоштво за чудото на јавувањето на Богородица во манастирот „Согле“, близу Богомила. Промотори се Јован Таковски и Цане Мојановски. Промоцијата ќе се одржи во Соборниот храм утре, во 19.30 часот. Книгата беше промовирана на Света Гора, а сега за првпат и кај нас – најавуваат организаторите.
Програмскиот совет на фестивалот го сочинуваат: Антонио Митриќески, професор на ФДУ и режисер, Ѓоко Ѓоргевски, декан на Богословскиот факултет во Скопје, Владимир Ангелов, директор на Кинотеката на Македонија, и Зорица Костовска, основачка и директорка на фестивалот.
Во рамките на програмата на фестивалот, која се одвива на Јутјуб, досега беше прикажан рускиот филм „Земниот живот на Исус Христос“, кој само во Русија го виделе над 2,5 милиони гледачи. Автор е Александар Казакевич, а режисер Константин Голенчик. Потоа босанскиот „Маалула“ – репортажа за единственото село во Сирија, Маалула, во кое, заедно со малите соседни села Џабадан и Асарка, се зборува и денес на јазикот на кој зборувал Исус Христос. Автор е Милана Мајар, а можеше да се погледне и „По стапките на апостол Павле“ на истата авторка, репортажа за христијанството во Дамаск, кое се појавило во првиот век, и за црквите и манастирите во овој град.
На програмата беше американскиот „Свети Никола – вистинска приказна“, документарен филм за животот на Св. Никола, снимен на автентични места од неговиот живот, во режија на Стјуарт Лахлан, потоа српскиот „Ватопед“, во кој историчарот на уметноста Душан Миловановиќ говори за еден од најбогатите манастири на Атос, „Ватопед“, од 13 век. Автор на серијалот е Дарко Петровиќ, а режисер Ѓорѓе Милосављевиќ. Беше прикажан и српскиот „Приказна за Вишња“ – потресно сведоштво на неврохирургот д-р Тувиј Јусифовиќ од Израел, за драматичните настани во 1943 и 1944 година, кога граѓаните на Пирот во Србија, ризикувајќи ги своите животи, спасиле повеќе еврејски деца и семејства, кои бугарските окупатори планирале да ги предадат во злогласниот логор Треблинка. Сценариото и режијата се на Емилија Лалиќ.
Вечерва на програмата е „Домот на ангелите“, документарно-истражувачки филм што се занимава со феноменот на култниот манастир на Немањиќи „Куманица“, во кој се бара идентитетот на пронајдените мошти во него. Делото е дипломски труд на режисерката Бранка Бешевиќ Гајиќ. На 23 декември, од 21 часот, е филмот „Старците и руската литература: Фјодор Достоевски“. Достоевски во Оптина Пустина го довела семејната трагедија: починал тригодишниот син Аљоша. Автор и водител е Александар Казакевич, а режисер Виктор Јушченко. Потоа, од 21.30 часот ќе биде прикажан „Старците и руската литература: Александар Пушкин“, чиј автор и водител е Александар Казакевич, а режисер Виктор Јушченко. На 24 декември ќе може да се види филмот „Христијански симболи“. Филмот е дел од серијата „Симболи“ од архивата на „Топ ворлд“, резултат на документарно петгодишно истражување за континуитетот на историјата на МПЦ-ОА од времето на апостол Павле до денес и за христијaнските симболи. Учествуваат г.г. Стефан, академик Петар Илиевски, академик Цветан Грозданов, Ана Шукарова, Ѓоко Ѓоргевски, Елизабета Димитрова… За првпат се прикажува на овој фестивал во чест и спомен на повеќе соработници што починаа, меѓу кои Драги Таневски, директор на фотографија, и Коле Јовановски, монтажер и режисер. Сценариото и режијата се на Зорица Костовска. На 25 декември, во 21 часот, ќе биде прикажан „Писменост“, документарен филм за континуитет на писмото и јазикот во Македонија од античко време до неговото прогласување за службен јазик, на 2 август 1944 година, во Прохор Пчињски. Учествуваат најголемите светски признаени авторитети од оваа област: Петар Илиевски, Цветан Грозданов, Илија Чашуле, Лидија Славеска и Благица Петкова. Филмот за првпат се прикажува на овој фестивал. Сценариото и режијата се на Зорица Костовска.