Филмот „Малдорор“ на режисерот Фабрис ди Велц ја освои наградата на публиката на Јадранската мрежа на фестивали (Adriatic Audience Award), која беше доделена на 31-то издание на Фестивалот на авторски филм во Белград.
Целта на наградата на „Адријатик одиенс аворд“ е промоција и поголема видливост на европските филмови, а благодарение на оваа награда, филмот ќе се прикажува од 19 март до 9 април во градовите низ регионот на поранешна Југославија, во Белград, Сараево, Херцег Нови, Љубљана, Загреб, Битола (кино „Манаки“ на 20 и 21 март и Центар за култура на 25 и 26 март), Охрид (ФИОФА на 27 и 28 март) и Скопје (Кинотека на 7, 8 и 9 април и „Синеплекс“).
„Малдорор“ е трилер инспириран од вистински настани од Белгија во средината на 1990-тите години. Приказната започнува кога две девојчиња исчезнуваат, а младиот и импулсивен полициски регрут Пол Шартие е распореден во тајна единица наречена „Малдорор“, формирана за да следи опасен сексуален престапник. Кога операцијата не успева, разочаран од ограничувањата на правниот систем, Шартие се впушта во соло-потрага решен да ги пронајде и изведе сторителите пред лицето на правда.
Филмот претставува силен и реалистичен приказ на борбата против длабоковкоренетото зло, но и на општеството, кое потфрла пред најранливите. „Малдорор“ е првиот дел од планираната трилогија на Фабрис ди Велц за темната страна на белгиската историја, моќта и правдата. Филмот ја имаше својата светска премиера на Филмскиот фестивал во Венеција.
Критичарите особено ги нагласија интензитетот и атмосферата на филмот. Порталот „Скрин дејли“ наведува дека „Малдорор“ потсетува на епските приказни за злосторства и казна што ја карактеризираа американската кинематографија во 1970-тите години, особено филмовите на Сидни Лумет, додека Ди Велц ги претвора вистинските настани во сложена и повеќеслојна приказна за полицаец чија потрага по правда доаѓа во конфликт со сите блиски до него. Растечката тензија, моралните дилеми и личните последици го прават овој филм моќен и возбудлив трилер.
Филмот „Малдорор“ освои најмногу гласови од публиката со сумирање на резултатите од сите фестивали членки на Јадранската мрежа, вклучувајќи ги Филмскиот фестивал во Сараево, Филмскиот фестивал во Херцег Нови, Меѓународниот филмски фестивал во Љубљана, Фестивалот на авторски филмови, Филмскиот фестивал во Загреб и фестивалот „Браќа Манаки“ во Македонија.
Фестивалската мрежа на Јадранскиот Регион е поддржана од потпрограмата „Медија“ на програмата „Креативна Европа“.