Европското номадско биенале за современа уметност „Манифеста 14“, кое до крајот на октомври ќе се одржува во Приштина, претставува интензивна програма во која учествуваат повеќе од сто уметници и уметнички колективи од триесет земји, обединети со концепт што истражува и генерира нови практики и начини на колективно раскажување приказни. Посебен фокус е ставен на ревитализација на јавниот простор во Приштина – според концептот на тимот предводен од Кетрин Николс, дизајниран во соработка со локални колективи, уметници, претставници на академската јавност, архитекти и активисти.
Косовските уметници сочинуваат една третина од вкупниот број учесници на „Манифеста 14“, што е најголем удел на локални учесници во историјата на ова биенале, кое не се одржува во етаблирани уметнички центри, туку бара нови и плодни основи за ангажирање на локалната, националната и меѓународната публика во контекст на новите форми на уметнички израз.
Уметниците од остатокот од Западен Балкан сочинуваат 25 отсто од вкупниот број учесници на биеналето, а има неколку од поранешна Југославија: Јелена Јуреша, Марта Попивода и Игор Симиќ од Србија, Шејла Камериќ, Лала Рашчиќ и Селма Селман од Босна и Херцеговина и Христина Иваноска и Наташа Неделкова од Македонија.
Сепак, голем број женски уметници од овие области ќе бидат претставени во форма на аудиоизјави како дел од учеството на дигиталната платформа „Секундарна архива“, чија презентација е резултат на соработката помеѓу Фондацијата на Катарзин Козира во Полска и партнерите во Косово, како и во Албанија, Белорусија, Чешка, Унгарија, Словачка, Украина и Србија.
Меѓу четирите клучни точки на „Манифеста 14“ е хотелот „Гранд“, со тематска изложба „Големата шема на нештата“, која е поставена на седум ката. Изложбата ги повикува посетителите да размислуваат за феноменот на раскажувањето приказни и неговите политички аспекти, особено во средината каде што младите луѓе и уметничката заедница живеат со ограничувања за патувања.
Почетокот на програмата на „Манифеста 14“, која се одржува на 25 локации низ Приштина, беше означен со премиерата на перформансот „Линкс“ на Астрит Исмаили, кој со оригинални композиции и новоизградени музички инструменти ги допира темите на традицијата и насилството, ограничувањата и отпорот, желбата, стравот и бунтот. Инструментите и звукот по изведбата се трансформираат во инсталација.
Македонската уметница Христина Иваноска го изведе перформансот „Документот што недостасува: Изведба бр. 6 (Ќерка)“, посветен на Роса Плавева – македонската Роза Луксембург, која е родена во 1878 година во Велес, а починала во 1970 година во Белград, со децении борејќи се за правата на жените и работниците. Нејзината животна приказна, меѓутоа, е заборавена и речиси избришана. Настапот на Христина Иваноска на „Манифеста 14“ е дел од нејзиниот долгогодишен истражувачки проект „Документот што недостасува: сложеното чувство на вистината во усните приказни“ и ја открива приказната за политичкиот прогон на ќерката на Роса Плавева, Надежда.
Следните изданија на „Манифеста“ ќе се одржат во Каталонија, Шпанија, во 2024 година, и во областа Рур, Германија, во 2026 година. Претходната „Манифеста 13“ се одржа во Марсеј, во 2020 година, а првично планираниот датум беше одложен поради пандемијата на коронавирусот.