На сцената на театарот ТАК во Берлин, во рамките на проектот ПРОСПЕР (Прототип за одржливи резиденции на периферии), беа премиерно прикажани: имерзивниот перформанс „Ехо од длабочините“ во режија на Нина Николиќ и Борјан Стојков („Перипетија продукција“) и мултимедијалната театарска претстава „Во миг“ во режија на Ана Константиновиќ („Ехо анимато“).
„Ехо од длабочината“ е поетичен, имерзивен ВР-перформанс што ги истражува
кревката убавина на Охридско Езеро и еколошките предизвици со кои тоа се соочува. Составено од два дела, доживувањето најпрвин ги носи гледачите на патување низ езерото преку виртуелна реалност, а потоа преку интеракција со актерите (Саша Ханџиќ и Маја Зечо) ги соочува со фактите за еколошките закани со кои се соочува овој регион. На крајот, секој од гледачите испраќа своја порака до Охрид, езерото и до неговите жители, која учесниците во перформансот ја враќаат назад во градот.
„Во миг“ е продукција на колективот „Ехо анимато“ од Белград со актерите Жељко Максимовиќ и Јелена Илиќ. Оваа мултимедијална претстава се занимава со прашањето: Што се случува во моментот по катастрофата? Преку суптилна и вознемирувачка поетика таа ги истражува темите на загуба, отпорност и кревката рамнотежа меѓу пропаста и новиот почеток.
Проектот е кофинансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија, како и од Министерството за култура на Македонија.