Македонска филхармонија

Оркестарот на Македонската филхармонија, со почеток во 12 часот, в четврток и петок ќе одржи два концерта за деца со наслов „Имате ли ритам?“, преку организирана училишта посета. Диригент е маестро Виктор Митревски, а аниматор и овој пат ќе биде миленикот на младата публика, актерот Мартин Јорданоски, кој ќе ги воведе децата во тајните на ритамот и неговата разновидност.
Посетителите ќе имаат можност да слушнат композиции од класичната, но и од модерната музичка литература, во кои акцент е ставен токму на ритмичкиот импулс – дела од Смокварски, Калифе, Андерсон, Бернштајн, Штраус, Де Фаља.
Концертот ќе ги донесе звуците и ритмите на Македонија, Либан, Куба, Шпанија…, а Јорданоски низ игра и хумор ќе се обиде да ги анимира децата „свирејќи“ на разни предмети, докажувајќи дека ритамот го има насекаде околу нас. Овој пат посебно ќе се истакнат перкусионистите од оркестарот на Македонската филхармонија, кои ќе приредат и едно изненадување, а на сцената ќе настапат и неколку талентирани деца.
Виктор Митревски, роден во Скопје во 1987 година, потекнува од музичка фамилија. На седумгодишна возраст започнува со часови по виолина. По успешниот матурски концерт, на кој во првиот дел свири на виолина, а во вториот на пијано, во 2005 година започнува со студии по оркестарско диригирање на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во класата на Саша Николовски-Ѓумар.

Во 2016 година ги завршува студиите по хорско диригирање на престижниот Универзитет за музика и применета уметност во Виена, во класата на Ервин Ортнер. Следната година дипломира и оркестарско диригирање на истиот универзитет, во класата на проф. Симеон Пиронков и Урош Лајовиц, со концерт со Словачката филхармонија. За време на студиите е активен учесник на неколку семинари со познати диригенти, како Фабио Луизи, Симоне Јанг, Бертранд де Били, Јоханес Шефли и др. Во 2012 година дебитира во Македонската опера и балет со „Аптекарот“ од Јозеф Хајдн, во 2014 година диригира со Балтичката филхармонија во Гдањск, Полска. 2017 година следува успешното деби во Виена, и тоа во „Театар ан дер Вин“, со експерименталниот проект „Ја ослободуваме Евридиче“. Истата година стапува во соработка со еден од најталентираните млади диригенти во Австрија, Рафаел Шлусенберг, со кого ја поставува операта „Дон Џовани“ во „Ваидхофен ан дер Ибс“, за потоа следната година да биде изведена и во Виена. Веднаш потоа ги диригира „Грабнување од сарајот“ и „Свадбата на Фигаро“. Во 2019 година следува дебито со Македонската филхармонија, една година подоцна диригира и со „Скопски солисти“. Во 2020 година е асистент диригент на Лео Хусеин во изведбата на светската премиера „Хамлет“ на Јозеф Самер во Русе, Бугарија. Денес Виктор Митревски работи во „Театар ан дер Вин“ со хорот „Арнолд Шенберг“.