Според тоа, повторувањето постои. Но, кога ли се случува тоа?
Кјеркегор
Можеби Чехов со право го советувал младиот писател Телешов кога му говорел дека патувањето со воз во III класа е вистинска шанса да се дојде до добри приказни (таму се случува и првата средба меѓу Мишкин и Рогожин), но, за жал, во целиот вагон на патничкиот воз „Горбачов“, освен мене, имаше уште еден чичко, заспан врз вреќа пиперки. Каква корист од тоа што се исполнуваа сите предуслови што Чехов ги наведува. Се качив од една посивена провинциска станица, возот патува бавно и долго, а јас, и покрај неколку испиени шприцери во станичното бифе, подготвен сум да бидам љубопитен и внимателен соговорник. Навистина, на секои петнаесетина минути, „Горбачов“ запира, вратите се отвораат како на секоја стоковна куќа, но нови патници – нема.
На едно од празните седишта здогледувам истуткан, отфрлен журнал – на насловната страница, под накитениот наслов „За што сонувате?“, се изложени фотографии на три млади жени, кои, според намерата на текстот, би требало да претставуваат три типа сонувачки. Чичкото и натаму си ’рчи, вагонот е речиси студен од празнина, па фотографиите на девојките, живописни и мазни, го преземаат целосно моето внимание.
Првата девојка, госпоѓица со очила и уредно исчешлана кратка коса, е облечена во избледени фармерки и иста таква блуза. Може да биде апсолвентка или асистентка по архитектура, а можеби, ако судам по извалканите патики од најскапа марка и седефестите рамки на очилата, разгалена ќерка. Неусогласеноста меѓу изгледот и облеката се очитува и во нејзиниот сон во подземните одаи на пирамидата, во кои најнапред запленета како наивен, изгубен турист, останува како доброволна љубовничка на фараонот – Сонце, синот на порозната сфинга.
Втората девојка, нашминкана тинејџерка, е снимена легната помешечки, во песокот на некоја плажа, несомнено монденска, за што сведочат бело-сините лигештули, чадорите за сонце и куполестите кабини за преслекување во заднината на фотографијата, како и делумно фатениот шанк од трска со свежи коктели од ананас, киви и друго медитеранско овошје, богато гарнирано во издолжени чинии, елегантни како и вретенестата сенка на келнерот во десниот горен агол. Нејзиниот сон само во почетокот ја почувствува благо еротизираната идила од снимката, кога детето со златни шишки лесно се симнува од облаците, виснато на дебело јаже. Но подоцна, малечкиот сладок дебелко ненадејно почнува да му дофрла парчиња свежо, крваво месо на изгладнетиот народ. Дервишите излезени од циркускиот плакат танцуваат во истиот пустински предел, каде што раздразнетата толпа се граба за крвавата слезина, џигер, бубрези, изгнасени од прав и мравки.
На третата фотографија во ликот на млада жена препознавам една моја поранешна девојка, со која ме спојуваа екстатични мигови на телесна страст, а ме оддалечуваа баналните љубоморни потпрашувања. На крајот, врската ја сведовме на инстинкт, со наизменични периоди на сладострасност и ’ржење. Можеби затоа, по години отсуство, го чувствувам оној непријатен грч во градите, додека се гледам во нејзиниот сон со сивата осумкатница чувана од гардисти со жолти панделки на испегланите сини униформи. Сепак успевам да влезам во внатрешниот двор и да го пронајдам тајното ковчеже со ’рѓосаното клуче во него. Предвидливо, гардистите ме фаќаат и по молскавично судење ме стрелаат во истиот двор, додека таа, од терасата на осмиот кат, со расеана насмевка ме набљудува како паѓам издупчен, а бескрвен, на скржавиот тревник…
(продолжува)