Деветтото издание на фестивалот „Дрим шорт“ ќе се одржи од 7 до 10 август на повеќе локации во Струга. Во четиридневната инспиративна филмска програма насловена „Гледајте филмови, нема каде да се бега“ главните проекции ќе се реализираат во Паркот на поезијата, додека другата програма ќе биде распределена на повеќе локации.
– Дали е варварски да се создава уметност во предвечерие на војна? Филозофите оптимисти што веруваат во надеж ќе кажат дека будалите што
на војната ѝ гледаат во очи, ќе го спасат светот. Не затоа што не се плашат,
туку затоа што веруваат дека уметноста и убавото можат да ја спречат
страшната ноќ никогаш да не дојде. Ценејќи ги и славејќи ги оние што создаваат филмови на кои се проектираат отсечоци од минатото до иднината, веруваме дека вербата во убавото што го нуди уметноста e борба против хаосот на светот. Кога во реалноста не постои утеха, филмот е портал кон срцето, каде што сѐ уште владее силата на разумот. Во време на егзистенцијално неизвесни секојдневија, филмските уметници не престануваат да измислуваат есенцијално поубави светови. А бидејќи секој филм се создава да биде виден и да допре, тогаш улогата на публиката е да гледа филмови и да дозволи да биде допрена или, во контекст на денешниот поредок, да дозволи да биде спасена. А кога веќе нема каде да се бега, годинава на „Дрим шорт“ гостите и публиката ќе имаат уникатна можност за средба и разговори за филм со еден од најважните кинематографи во светот Флоријан Хофмајстер и со бардот на македонското и
балканското глумиште Никола Ристановски, кој ќе одржи мастерклас – велат организаторите.
Фестивалот ќе се одвива во текот на четири фестивалски дена, со пет натпреварувачки програми: меѓународна, регионална, национална, студентска и специјална програма насловена „Соочување со минатото“. Годинашното жири го сочинува истакната група од филмски професионалци: Јелена Јованова, актерка; Никола Ристановски, актер; Гвидо Казале, режисер; и Бранко Ристовски, монтажер и продуцент. Натпреварувачката програма ќе биде придружена со ревијална програма, која вклучува вечер на холандскиот филм, со избор на филмови во соработка со фестивалот „Гоу шорт“, програма на еколошки филмови и специјална ВР-програма на кратки филмови. Музичката ОФФ-програма се фокусира на македонската електронска сцена со диџеј-сетови на Андреја Салпе и Андреј Мицајков.