CHUROS, BELE`N, SOBRASADA

За првпат бев во зимската Ибица. Во крајот на ноември и почетокот на декември. И ми се допадна. За разлика од летната Ибица, пренатрупана со турканица од испотени туристи, пренагласена со силни звуци од дискотеки и бесни автомобили, градот сега спокојно ми го откриваше својот подзатскриен медитерански шарм. Овој пат и глобалната промена на климата беше на негова страна – во текот на денот времето во градот беше сончево, ги наметнувавме капутите и шаловите само кога ќе се наближевме кон морето и ќе нѐ пресретнеше северниот ветер. А таму, на брегот, широките пенливи бранови ги шлаканичеа пустите плажи, по кои, одвреме-навреме, избегнувајќи ја водата, забрзано итаа ретките кучиња и нивните сопственици.
На кејот, во неколку сѐ уште отворени кафулиња, домашна група ибиценковци си тераат долги муабети, а на соседната маса понекој одомаќен странец што решил да ја помине зимата на островот, па обземен од повторливоста на оддолжените мигови, си го цевчи пијалакот без брзање.
Една вечер, Лара и Санти ме поведоа во центарот на градот. Иако до Божиќ имаше доста денови, во Ибица веќе се празнуваше, на плоштадот беше поставен панаѓур, на импровизирана бина свиреше кубански бенд, а сепак присутните танцуваа и си потпевнуваа лежерно, како да имаат доволно простор и време.
Потоа следуваа три изненадувања што ми ги подготвија Лара и Санти:
Чурос – стапчиња што се месат од брашно, масло и сол, после така свежо измесени се пржат на отворено, пред редица купувачи (од каде сега толку се насобрале, се прашував, како пред благајната на некој важен фудбалски натпревар?).

Откако ќе се купат топли, во фишек – стапчињата се мацкаат во чаша жешко чоколадо!
Белен – грицкајќи ги зачоколадените чуроси стигнавме до постановката „Белен“ (Витлеем), близу стариот пазар, што го прикажува местото на раѓањето Христово (Куќата на лебот) преку секојдневниот живот на неговите жители. Ни беше овозможено да ѕирнеме и во внатрешните дворови и зад прозорците, со луѓето, децата, кокошките, овците, магарињата, шталата во која е роден Исус, трите мудреци од Исток, Балтазар, Мелхиор и Каспар со нивните дарови, злато, темјан и смирна… – и сето тоа изработено во минијатурни облици, фигуринки човечки, животински, куќичките, мебелот, дрвјата.
Собрасада – вкусна свинска паштета намачкана на топло лепче со лист кашкавал одозгора. Ја дегустиравме залче по залче, на враќање дома, во ноќната, зимска, ѕвездена Ибица.