Нашите музеи се исполнети со исклучително вредни, убави и единствени експонати, имаме прекрасна традиција и историја. Мораме да ја подобриме интерпретацијата, во соработка со квалитетните кустоси што работат во нашите музеи, постојано да учиме, да ги следиме и трендовите во музејската работа, да имплементираме модерни технологии, да подготвиме квалитетни стратегии и многу да работиме, истакнува Ирена Ружин

Ирена Ружин, менаџерка на проектот „Едукон“

Ирена Ружин e менаџерка на проектот „Едукон“, во чии рамки веќе втора година се организираат семинари на кои се зборува за добрите практики во музеите. Целта на проектот е да се зголеми посетеноста во музеите, за повеќе категории посетители, преку десет обуки и семинари, за музејските професионалци од музеите во Скопје. Досега се реализирани девет семинари на различни теми од областа на музејската едукација, маркетинг во музеите, конзервација, пристапност и инклузија во музеите, интерпретација, развој на публика и друго, во соработка со искусни предавачи од Балканот. Проектот продолжува со планираната динамика.

Каква е целта на проектот „Едукон“, што ве инспирираше да го иницирате, создадете и менаџирате?
– За подготовката на „Едукон“ ме инспирираа еднакво и потребата на колегите од дополнително знаење, дружење, вмрежување, комуникација и соработка, а од друга страна и моите соработници и пријатели од Балканот, кои имаат искуство во работата и прифатија да го споделат со македонските колеги. „Едукон“ е проект што се имплементира веќе втора година. Носител е Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, место каде што се одржуваат семинарите во викенди, со поддршка од директорот Горан Садикаријо, во прекрасни услови и во координација со Жаклина Мучева и другите колеги од институцијата. Со нив имаме соработка на завидно ниво, за овој и за имплементација на неколку други проекти во последните години. Целта на „Едукон“ е зголемување на посетеноста на музеите преку имплементирање добри практики, збогатување на знаењето, размена на искуства и вмрежување. Семинарите се интерактивни, забавни, исполнети со голем број вежби и дискусии, а не само предавања од страна на предавачите, преовладува убава атмосфера уште од првиот семинар, па до денес. Радува фактот што колегите од музеите во Скопје одлично го прифатија проектот и сметаат дека е многу корисен и значаен за дополнување на нивното знаење и вештини. Проектот е поддржан е од Хедли Траст од Кралството на Велика Британија. Од текот на семинарите поседуваме богата фото и видеодокументација.
Според вашите искуства и сознанија, како може да се зголеми посетата на музеите?
– Иако посетеноста на музеите не е единствениот индикатор за квалитетот на музејот, сепак, според моите процени и мислење, како и на стручните лица што истражуваат на оваа тема, развојот на публиката е тоа што е неопходно да ја познаваме нашата публика, почесто и на повеќе нивоа да комуницираме со неа. Мора да сме приспособливи и достапни за различни категории публика. Неопходно е да се применуваат различни методологии во пристапот, односно во подготовката на разновидна програма за различна публика. Нашите музеи се исполнети со исклучително вредни, убави и единствени експонати, имаме прекрасна традиција, историја. Ние мора да ја подобриме малку интерпретацијата, во соработка со квалитетните кустоси што работат во нашите музеи, постојано да учиме и да ги следиме трендовите во музејската работа, да имплементираме модерни технологии, да подготвиме квалитетни стратегии и многу да работиме.


Вашите семинари ги спроведувате во соработка со еминентни музејски професионалци. Дали најдобро се учи од предавачи со личното, стекнато и веќе проверено искуство?
– Поголемиот дел предавачи се од Хрватска, Србија, БиХ, инспиративни наградувани професионалци, членови на Балканската музејска мрежа, професори со кои имам долгогодишна соработка, кои сум ги слушала на конференции и на семинари или сме работеле во тимови на разни проекти. Кај сите нив се забележителни нивната стручност, професионалност, искреност и желба за споделување на сопственото искуство со нашите колеги. Никој не кажува дека во нивните институции или држави е совршено, туку тие ги презентираат добрите практики и резултати, но и искрено споделуваат искуство од погрешните чекори во текот на годините, непредвидливите ситуации, пандемијата и друго.
Како изгледаше семинарот „Музеј по мера на публиката“ со Ива Валидзија?
– Конкретно од овој семинар беше очекувано да се анализираат и дискутираат добрите хрватски примери од музеите, кои тесно соработуваат и комуницираат со публиката и заедницата. Беа презентирани одлични примери за осовременување и дополнување на постојаните поставки, интервенции во просторот, беа повторени стандардите, како и насоки за видливоста на музеите. Анализирани беа статистичките податоци, за посетеноста на музеите и структурата на посетителите во хрватските музеи, при што се потенцираше дека е тоа многу важна алка во музејската работа. Во согласност со тие резултати, музејските работници подобро ќе ги конципираат постојаните музејски поставки, но, уште поважно, при подготовката на повремените изложби, програмата и работилниците наменети за различна публика. На семинарот беше презентирана и одличната работа на Музејскиот документациски центар од Загреб, кој е дигитализирана мегабаза на податоци, достапна за секого, но и институција што постојано ги следи и ги споделува вестите од музеите на својата веб-страница и социјалните мрежи, добрите музејски практики од Хрватска и од светот.
Кои теми ќе бидат опфатени на следните семинари?
– Па, на пример, правото на различност, пристапност и инклузија во музеите, работа во музеите со лицата со попреченост и маргинализирани лица. Потоа конзервација, употребата на наноматеријали во конзервацијата на стара хартија, стари фотографии, уметнички слики…