Фестивалот „Букстар“, кој ќе се одржи од 3 до 5 октомври во МКЦ, во организација на „Антолог“, го објави конечниот список на учесници, кој опфаќа импресивни имиња од светот на литературата. Покрај единаесетте странски учесници – Ирса Сигурдардотир (Исланд), Светлана Алексиевич (Белорусија), Игор Штикс (Хрватска), Даина Ополскаите (Литванија), Надја Теранова (Италија), Моника Компаникова (Словачка), Кристина Гавран (Хрватска), Петар Денчев (Бугарија), Богдан-Александру Станеску (Романија), Оља Стојанова Џакова (Бугарија), Саша Станишиќ (Германија), како и двајцата македонски претставници – Владимир Јанковски и Петар Андоновски, во програмата на различни фестивалски настани ќе учествуваат и домашните автори: Никола Маџиров, Билјана Црвенковска, Елизабета Баковска, Александар Маџаровски, Јордан Коцевски, Снежана Стојчевска, Ана Голејшка Џикова, Елена Филиповска, Душко Крстевски, Стојан Лекоски, Јелена Лужина и други.
Фестивалот ќе се одржи на неколку локации во Скопје под мотото „Храбри нови зборови“. Фестивалската програма ќе се одвива во Младинскиот културен центар, а дел од настаните и во библиотеката „Браќа Миладиновци“ – Скопје и во КСЦ Центар – Јадро. Визуелниот идентитет е коавторство на Деница Стојкоска и на Стефан Танков.
Ирса Сигурдардотир (1963) е најпознатата и најнаградувана исландска писателка. Крими-романите на Ирса се екстремно успешни на меѓународно ниво и се преведени на повеќе од 30 јазици. Надја Теранова (1978) е италијанска писателка и преведувачка родена на Сицилија. Во 2015 година ѝ излегува првиот роман за возрасни. Има своја рубрика во списанието „Венити фер“. Моника Компаникова (1979) е една од најзначајните писателки на современата словачка литература. За романот „Петтиот брод“ ја има добиено најпрестижната книжевна награда во Словачка, „Анасофт литера“. Даина Ополскаите (1979) е литванска писателка. Во 2000 г. ја добива наградата на Сојузот на литванските писатели за најдобра дебитантска книга. За „Пирамидите на денот“ е наградена со Наградата за литература на ЕУ. Игор Штикс (1977) е роден во Сараево, а живеел во Загреб, Париз, Чикаго, Единбург и во Белград. Со својата прва драма „Брашно во вените“ (2016) освои неколку регионални награди за најдобар текст. Саша Станишиќ е босанско-германски писател. Роден е во 1978 година во Вишеград, oд мајка Бошњачка и татко Србин. За „Потекло“ ја добива најзначајната книжевна награда во Германија, што од него прави книжевна ѕвезда.
Кристина Гавран е родена во Загреб, во 1987 г. Магистрирала драматургија на Академијата за драмски уметности. Нејзини дела се изведувани на повеќе театарски фестивали. Петар Денчев (1986) е бугарски писател и театарски режисер. Неговите театарски претстави биле поставени на сцените на големите театри во Бугарија и гостувале на различни фестивали. Богдан-Александру Станеску (1979) е романски писател, есеист, преведувач, издавач. Предавал на Универзитетот во Букурешт, на Одделот за книжевност и креативно пишување. Oља Стојанова Џакова (1977) е бугарска писателка, поетеса и драмска авторка. Како што веќе е објавено, нобеловката Светлана Алексиевич е добитничка на наградата „Букстар“ за 2022 година за книгата „Војната нема женско лице“. Таа е веројатно една од најзначајните живи личности на денешнината, а нејзиното дело е меѓу најактуелните во оваа турбулентна историска делница на која сме заеднички современици.