Веројатно режисерското име Јиржи Веделек не само што смело чекори по стапките на својот сонародник Менцел туку на добар пат е да го заземе неговото место.
Но талентот не е анонимен, тој беше забележлив уште од студентските денови на фамозната ФАМУ (Прага), кога веќе беше освоил неколку награди.
Несомнено станува збор за минуциозното око во филмот „Учесници на трката“ (2006), кој освои награда за глума на престижната филмска смотра „Трибека“ (Њујорк).
Значаен успех нижи и со филмовите „Роминг“ (2007) и „Вацлав“ (2007), за кои актерите беа наградени.
Вреди да се спомене за читателите дека има постигнато значајни успеси и на полето на телевизијата со неколку снимени серијали.
И така доаѓаме до романтичната комедија „Надежни мажи“ (2011), за која денес ќе направам критична анализа.
„Надежни мажи“ е еден од најгледаните филмови во Чешка, кој ја надмина гледаноста од над еден и пол милион гледачи.
Јиржи Веделек, освен што е потписник на режијата, се појавува и како сценарист.
Филмот започнува со панорамска снимка над бајковитата Прага, врз која како да е послан златен есенски килим.
Ондреј (Јиржи Мачечек) е во улогата на монотона индивидуа, која живурка во брачна монотонија со русокосата Алис (Петра Хрибичкова).
И покрај тоа што Мачечек има завршено правен факултет, желбата и ентузијастичкиот импулс да се запише на ДАМУ, факултет за театар каде што бил одбиен дури четири пати, не го напуштаат.
Затоа не губел многу време и студиите ги завршил во Данска.
Веројатно некако се присетив и успеав од домашниот фолдер да ја извлечам драмата „Осаменици“ на Питер Зеленка, во кој партнерка му е нашата Лабина Митевска, а тој е во улога на наркомански зависник. По малото интермецо, редно е да се вратиме на тековната филмска приказна…
Рудолф (Болек Поливка) е најкомплексниот актерски лик со многу поголемо актерско искуство од преостанатиот дел од екипата. За тоа доволна квалитативна потврда е и соработката со славната Вера Хитилова.

Овде е непоправлив женкар, кој иако е во брачни води повеќе од триесет години со Марта, не отстапува од своите неморални кодекси со промискуитетна природа.
Една од најзабавните сцени, не само во филмот туку во европската кинематографија, е луцидно шеретската игра на Шарлотка (Вица Каракеш), која својата долна облека ја користи за да ја заврзе косата во опавче при жарот во билјард-играта.
И покрај безуспешните обиди Рудолф да се усидри во срцето на раскошната кокета, таа започнува страсна врска со Ондреј.
Еротските гимнастички вежби го навестуваат пламенот на љубовната игра, во кој некој набрзо ќе го подигне знакот стоп.
Во Источна Европа, освен унгарските, познати се и чешките девојки како љубовни развратнички, на кои тешко некој може да им застане на пат при своите зацртани цели, но се разбира понекогаш има исклучоци како во оваа прекрасна филмска сторија.
И покрај тоа што Алис има наивно лице, таа подолго време веќе флертува со готвачот од нивниот ресторан.
Ако може така да се каже, своевидна аномалија е кога Ондреј од светот на анонимното кулинарство се вивнува во светот на познатите без претходна умешност, а сега небаре е кулинарскиот волшебник Борден…
Нема што, Чесите се вистински мајстори на нарациската структура и селективниот акцент, кој ми остави длабок впечаток.
Тоа е сцената во која мајката на Алис, Марта, ѝ се доверува за неверојатните сто и четириесет неверства од страна на таткото, во која таа е рамнодушна и делумно наивна.
Мајка ѝ на Алис ѝ дава есенцијален совет, кој гласи: „Не е битно мажот кај која жена оди, битно е кај која се враќа“.
Патем Марта го пречекува и тој радосен ден кога сопругот ѝ носи подарок и толку посакуваната фенси-чанта, но, за жал, не со долг век на траење, бидејќи некој друг си поигрува со нејзината судбина.
Во домашен амбиент, конечно со многу голема посветеност и љубов, Рудолф прави кореографија од рози низ целата куќа наменети за Марта, но во еден момент силен ветар ги раздувува како што одлетува и нејзиниот живот.
По соочувањата, Рудолф се (о)свестува за загубата и како бумеранг му навираат спомените од деновите на нивната темелна љубов.
Кај Ондреј проработува моралниот кодекс на будење и ѝ откажува љубов на Шарлотка, барајќи утешен баланс во љубовните прегратки на Алис.
Во меѓувреме се случува вистинска еротска рашомонијада каде што се променети улогите, а секој има бинакуларна перцепција на резонски став.
Александар Василевски


































