Откупен расказ на конкурсот на „Нова Македонија“
…Внукот на аџи Харалампие, Тома, си влезе во празната спална. „Стариов многу лекции ми кажува деновиве“ – си повторуваше. Тој ти бил романтичен – си мислеше и се чудеше. Го отвори брзото избирање на телефонот. Ја избра буквата д и сврте. Му се јави познат глас на д, но не оној кому тој сакаше да му се јави: „Еј, мислејќи на Дина, ти се јавив тебе, а?“ Се смееше. „Па, да“ – неволно завлекуваше гласот д од другата страна. „Е, добро, како си, штом веќе те побарав? – се смееше внукот на Харалампие. „Онака, знаеш“ – пак тегнеше гласот д од другата страна. „Ајде, па јави се ко ќе имаш повеќе време, хахаха“ – го заврши разговорот Тома и го затвори телефонот. Тогаш некој тропна. Се појави една бледа рака, која го држеше омилениот пијалак на внукот. Бабата го почести внукот пред спиење и се повлече. Тома повторно отвори на д и повторно заѕвони. Немаше одговор.
Утредента Харалампие и внукот појдоа да остават капар во кафеаната за свадбениот ручек в недела. Тома пак го вртеше истиот број. И пак немаше одговор.
Без да се одмори, Харалампие го повика Тома на терасата. На разговор. Беше во едно чудно расположение.
… „Да си го поземаш зборот, залакот, телото. Едно да влегува во друго. Да не ти пречи глупавата бемка на десниот лакт, виснатото мевце по две-три родени, изгубениот поглед по викањето од шефот, киселата насмевка од подарокот на јатрвата или од тивкиот прекор од свекрвата, да не плукаш во оброкот што никогаш не го готвиш, да не ти пречи ветрот што ја дува од кај коријата во која без борби крв паѓа, да не те мами полната месечина и особено да не те мами младата месечина, да не ти пречи не можам и не сакам сега, да не го поганиш придонесот што не го гледаш, да не ја пцуеш утробата што од твоја воплот Бог ја благословил.“
Аџи Харалампие направи куса пауза, си ја измазни брадата и полека во негов стил продолжи: „Не ѕвери се на неа кога општеството, животот и универзумот ти ја пијат крвта. Не штеди го рамото ако ѝ се плаче, ниту рацете ако треба да ѝ го кренеш брадулето за да гледа во патот, а не в земи.“
Потоа пак го погледна соговорникот и му рече: „Не корни ѝ го срцето ако не те разбрала во разговорот. Не вели ѝ дека се прави важна ако е подобра од тебе, не вели ѝ дека е мрзлива оти денес си поработел повеќе, не ѝ го следи чекорот зашто иако е жена може и без штикли да се прошета.“
Така беседеше аџи Харалампие и гледаше кун езерото во кое се огледуваше јулска месечина, обла, тешка и важна.
Внукот му се женеше, наредната недела, на ден Петровден, почетокот на најголемите горештини.
„Не удирај ја кај што ја боли, таа во тебе бара крепост. Непријатели ќе има многу, не додавај се и себеси во кошот.“
Свадбата беше блиску. Скоро сите беа подготвени.
Внукот гледаше скоро заинтересирано и во мислата ја црташе буквата д, ха, од блескава д почна да чади како глупав исечок од филм со дејство во Лас Вегас.
„Кој да им каже дека со некого се избираш оти без здивот негов на тилот твој, не можеш“ – со очи полни нежност си думаше аџи Харалампие.
Тома одеднаш стана сепнат од ѕвонењето во неговиот џеб. Повик од глас на буквата м.
Аџи Харалампие имаше нос за сè. Зрелоста не е само во годините, таа може да се стекне и порано – велеше. Затоа се распосла вака со муабетот на високата тераса, која десно гледаше во Плаошник, а лево во малата и бујна зелена градина полна сардели, петунии и трендафили. Кај аџи Харалампие сè цутеше убаво. Знаеше тој кога се наводнува, кога се плеви, кога се ѓубри. Секоја билка е како сите од видот, но вирее по свое според местото што си ѝ го одредил.
Внукот Тома имаше 30 години, прекрасна насмевка… и извонредна работна позиција. Снаата имаше планови. Затоа Харалампие сакаше да беседи сега, веруваше дека сегашноста мора да се поврзе со иднината.
„Разликувај кога треба да велиш ние, кога јас, кога таа…“ – продолжи тој кога Тома се врати. „Осознај го нејзиното вистинско име и сила и обожувај ја. Мотивирана жена планини крева. Но запомни, – рече Харалампие, и Земјата прво се врти околу себеси, а дури потоа околу Сонцето.“
Аџи Харалампие зборуваше полека, нешто да не се измрда од она што умот намерил да соопшти. Точно и уредно го изговараше секој збор. Внукот сосем тивко беше насмевнат. Сините пробивни очи ги пиеја зборовите брзо. Нешто и запомнуваше, главно, се обидуваше. Му изгледаше дека може да живее според овие мисли.
Потем двајцата гледаа во езерото. Беше тивко, црно, природно осветлено на средина. Внукот смирено пиеше од тутунчето што го држеше в раце.
„Проклет да сум ако го лажев за кој било збор вечерва. Проклет да сум“ – си мислеше аџи Харалампие.
Прскалките во дворот автоматски се пуштија. Обајцата знаеја дека е веќе 23 часот. Си зедоа што имаа свое од масата и влегоа на спиење.
Среќен што сподели нешто што неговата бела глава знаеше за најважната релација, аџи Харалампие ја отпетлуваше сината кошула и си ги бараше пижамите. Неговата сопруга будно го следеше. На крајот на денот сакаше да го пресретнува… „Харалампиеее – пееше таа кога му се обраќаше, не можеш да дадеш зрело јаболко во летоооо, Харалампиееее, треба есен да дојдееее, тогаш се бере тоа Харалампиееее.“ Така рече таа, фино залегната на перниците од брачниот кревет каде што си читаше важни пораки од телефонот. Тој ја погледна, ама со умот уште беше на терасата.
Пред да заспие, аџи Харалампие ѝ рече: „Тој стои наземи, таа гледа в облаци, Господ на помош.“
Внукот си влезе во празната спална. „Стариов многу лекции ми кажа“ – си повторуваше. Тој ти бил романтичен – повторно си мислеше и се чудеше. Го отвори брзото избирање на телефонот. Ја избра буквата д и сврте…
Помина еден час. Тома повторно отвори д и повторно заѕвони. Немаше одговор.
…
Подготовките си врвеа и наредните денови. Бројот со познатиот глас на д го немаше. Внукот се смешкаше кисело. Трет ден ја немаше. Му беше срам да каже кому било. Практично му беше срам да си каже себеси дека Дина ја немаше.
За еден час, Харалампие го повика на терасата. Држеше телефон во раката. Д се јави ненајавено кај Харалампие. Тома го позеде телефонот.
Аџи Харалампие влезе в кујна и повторно ѝ рече на жена си: „Тој стои наземи, таа гледа в облаци, Господ на помош“.
Марина Димитриева Ѓорѓиевска