Пред шеесет години, скромна изложба на група малку познати уметници беше отворена во Галеријата на современа уметност во Загреб, главниот град на тогашната хрватска република на федерална Југославија. Наречена „Нови тенденции“, групата имаше цел да прикаже слика на она што се случуваше во уметничкиот свет од тоа време. Европа веќе повеќе од една деценија излегуваше од повоено штедење и реконструкција, а нејзините уметници ги преобликуваа модернистичките авангарди од меѓувоените години за да се осврнат на новото време на економски раст и технолошки напредок. Тоа стана меѓународен феномен. Уште четири изложби на „Нови тенденции“ се одржаа помеѓу 1961 и 1973 година, привлекувајќи стотици уметници, критичари и интелектуалци во градот што брзо стана како засолниште на врвната култура.
Негувајќи ја неоапстракцијата, раните претчувства за оп-артот и почетоците на компјутерската уметност, „Нови тенденции“ претставува една од заборавените европски авангарди. Од апстрактните слики опсесивно изработени од Јулије Книфер, до калеидоскопски обрасци на Мирослав Шутеј и компјутерски генерираните светлосни инсталации на Владимир Боначиќ, се чинеше дека „Нови тенденции“ ја спасуваат запуштената модернистичка традиција и ѝ даваат ново чувство на енергија и моќ. Нагласувајќи ја улогата на новите технологии во дефинирањето на тоа како уметниците го гледаат својот свет и комуницираат со својата публика, тие предвидоа сè, од видеоуметност до биоуметност и роботика. Сместена во очајна комунистичка земја што беше отворена кон запад, таа исто така ја нагласуваше општествената улога на уметникот и ја промовираше идејата за колективна работа во обид да го урне „буржоаскиот“ мит за уметникот како осамен гениј.
Нивната прва изложба беше резултат на случајна средба во есента 1960 година. Хрватскиот критичар Матко Мештровиќ и бразилскиот уметник од Германија Алмир Мавињер случајно се сретнаа во Загреб и открија дека споделуваат заеднички ентузијазам за Пјеро Дорацио, италијански уметник што направи многу за да ја обнови апстрактната уметност во годините по Втората светска војна.
– Не ми требаше долго да дознаам кој е Мавињер. Роден во Рио де Жанеиро во 1925 година, тој беше сликар и графички дизајнер и припаѓаше на првата генерација студенти што поминаа низ познатата западногерманската уметничка школа во Улм. Нашиот разговор траеше до вечерта и заврши со два предлога од Алмир: Јас би се снашол со изборот за изложба на југословенски слики во Улм; а тој да направи список на уметници слични на Дорацио за групна изложба во Галеријата за современа уметност во Загреб – изјави Мештровиќ за „Д Калверт џрнал“.
Со имиња како претходникот на оп-артот, Хајнц Мек, геометрискиот сликар Франсоа Мореле и кинетичкиот скулптор Хулио ле Парк, изложбата на „Нови тенденции“ беше отворена во Загреб на 3 август 1961 година. Тоа беше една од првите вистински меѓународни уметнички изложби што се одржа во поствоена Југославија, покажувајќи дека новите генерации локални апстрактни уметници припаѓаат на многу поширок контекст. Изложбата, исто така, сугерираше дека Југославија има нешто релевантно да каже за состојбата на културата во поделениот свет. Нагласувајќи ја уметноста како технологија, уметноста како јавен спектакл и уметноста како форма на заеднички напор, „Нови тенденции“ понудија збир на вредности што се разликуваат од уметничката сцена на Западот.
– По 1948 година, Југославија беше сведок на ново почитување на апстрактната уметност, продолжување на традицијата на уметничкото училиште „Баухаус“ и рускиот конструктивизам, а сето тоа беше искористено политички за да се претстави Југославија по 1948 година како модерна земја со свои идеи. Тоа беше клима стимулирана од „Ексат 51“ (група апстрактни уметници со седиште во Загреб, посветени на интегрирање на уметноста, архитектурата, дизајнот и другите современи дисциплини), што овозможи нешто како „Нови тенденции“ да се случи во град како Загреб – објаснува Дарко Фриц, уметник, куратор и историчар на уметноста, кој одигра водечка улога во доближувањето на работата на „Нови тенденции“ до современото јавно внимание.
Една од целите на изложбата беше да покаже како локалните уметници се вклопуваат во мрежата на луѓе низ Европа што се занимаваат со слични работи. Списокот на контакти на Алмир Мавињер, предаден на Матко Мештровиќ, беше клучен во градењето на ова чувство за заедница.
– Настаните на „Нови тенденции“ не беа само големи изложби туку и форма на вмрежување – вели Фриц.
Матко Мештровиќ се подготви за првата изложба шетајќи низ Европа, запознавајќи се со уметниците од списокот на Мавињер.
– Токму преку овие интензивни контакти се роди идејата за меѓународно движење. Клучните појдовни точки за нас беа „десакрализацијата“ на уметноста, активирањето на вклученоста на јавноста, пристапот заснован на истражување сличен на оној што се користи во науката и пред сè, спротивставувањето на пазарот на уметноста – раскажува Мештровиќ.
Изложбата од 1961 година беше толку успешна што нејзините учесници решија групата да продолжи понатаму. Состаноците во Париз во 1962 година го отворија патот за „Тенденции 2“, одржани во Загреб во 1963 година (и повторно изложени во Венеција и во Леверкузен). „Тенденции 3“ пристигна во 1965 година, по што следуваше изложба на движењето во Париз. Сепак, хрватскиот главен град продолжи да биде природен дом на движењето.