Тешко е во овој седокос сопственик на менувачницата во центарот на градот, во сиво испеглан костум, да се препознае Шиткачот, особено зашто елегантната црна маска KN95 му го покрива лицето до очите, а и тие се смалиле под годините. Но ако подобро се загледа во нив, ќе стане јасно дека не ја изгубиле својата оловно сива острина, со која, во она време, го застрашуваше филмофилскиот подмладок пред кината „Култура“, „Вардар 1“ и „Вардар 2“. Затоа што Шиткачот со тие свои сиво-оловни очи влеваше страв и трепет додека ладнокрвно, како Клинт Иствуд во вестерните на Леоне, се движеше среде општата вознемиреност на публиката што пред затворените билетарници чекаше „карта повеќе“. На гледачите без билети им беше јасно, штом ќе ја здогледаа неговата висока фигура како се ниша меѓу турканицата, едновремено стрелајќи ги со својот смрзнувачки иствудовски поглед, дека токму тој е оној што е најважен да им обезбеди, за извесен паричен додаток поради услугата, достојно место за посакуваната вечерна филмска претстава.
Турканиците пред киносалите, било за шпагети вестерните или за „Blow up“ на Антониони, беа редовни. Шиткачот со право се однесуваше суверено, на свој терен, поседуваше дури една смирена неусиленост додека ги раздаваше билетите и ги прифаќаше банкнотите, без потреба од зборови. Од неговата долготрајна шиткачка актива паметам само еден инцидент, кога пред киното „Култура“, среде турканицата поради тричасовниот Бергманов „Фани и Александер“ (тогаш и за вакви високоартистички, интровертни филмови се чекаше со часови), кажал нешто грубо. Иако не бев непосреден сведок на случката, туку ми ја прераскажаа, многу лесно можев да ја доловам: во тоа време Шиткачот имаше пуштено брада, ама онака штосна, потстрижена, и со вообичаениот спокој си ја вршеше работата. Тогаш: – Еј ти таму! Тебе ти велам, дојди ваму! – громогласно се слушна наредба, што не му доаѓаше од милиционер (со народната милиција Шиткачот негуваше добрососедски односи), туку од темнокоса робусна госпоѓа во бунда, во придружба на помалечок маж, инаку, според сведоците, не толку познат социјалистички функционер „од втор ред“ (од каде, пак, успеале да го препознаат?), кој во живо, особено поради својата доминантна сопруга, изгледал уште поситно. Без да брза, Шиткачот се доближил до нестрпливата госпоѓа: – Повелете?
– Дај два билети, партер, средина.
Ги одбрал и ѝ ги дал билетите и ја кажал цената.
– Заработуваш дупло на секој билет. Не ти е срам?! А можеш малку и да се потсуредиш. Што ќе ти е таа брадурина?
Шиткачот ја одмерил со оној свој леден поглед од глава до петици и процедил: – Не дупло. Дваесет отсто… Мажите со брада, госпоѓо, се сепак поуредни од жените со мустаќи.
– Другар, те молам, ама какво е тоа твое однесување… – се обидел да се вмеша малечкиот функционер.
Шиткачот не го констатирал. Молкум се оддалечил, продолжувајќи си ја работата.