Подготвувајќи ги „222 антиупатства за лична употреба“, прибирајќи некои подзаборавени од нив по исто така подзабутани нотеси и тетратки на коцки, ќе наидев на ситни белешки, недоволни да влезат во збирката, но сепак симпатични за да не бидат уништени. Но по објавувањето на дебелата книга, почувствував дека и тие цртички се поврзани со моменти што треба да се зачуваат, дека и за нив има место меѓу антиупатствата.
Детали
Беглата споредба на Пруст со Балзак, освен поради нивниот импозантен романсиерски опус, може да биде поддржана и со нивното нагласено внимание кон деталите. Иако разликите се очигледни во тоа како детаљот е набљудуван и доживеан: авторот на „Comedie humaine“, кoj зафаќа многу пошироки слоеви на француското општество, го согледува детаљот, ако така може да се каже – пообјективно, додека авторот на „A la recherche du temps perdu“, чиј книжевен свет во таа социјална смисла е поограничен, го вградува детаљот во текстуалното ткиво од богатиот трезор на сопствената лична меморија (па, на пример, низ судбината на ликот Марсел се трансформираат автобиографски искуства). Оттаму проистекува и различноста на стилот, што соодветствува на Балзаковата робустност наспроти Прустовата флуидност. Се чини дека токму односот кон детаљот во нивната проза може да е еден од пресудните поени во читателската наклонетост кон едниот или кон другиот писател.
Сабја
Се случува кај битолскиот Ат пазар, доцна лето, на годишнината од егзекуцијата на Александар Турунџев, пред полноќ, се појавува пајтон, го управува комита, со сабја наместо камшик во десната рака, но премногу среден, како во поза, очигледно способен да се трансформира – од бунтовник, носител на мисија во мистериозен, згоден, но застрашувачки актер. Доволно да ги унеѕвери двајцата млади аскери во патрола кон кои пајтонот стреловито се наближува со исправениот одмаздник, чија сабја кобно блеска под полната месечина. Ги опфаќа беспомошност, смалени, со фрлени пушки, чекаат пајтонот да ги прегази или острото сечиво на сабјата да им ги пресече испотените вратчиња. Се струполуваат од реалниот во имагинарниот свет, ги грабнува ангелот на смртта без да се свесни дека сѐ уште се живи.
– Немам слушнато ваква приказна. Ми се чини тотално измислена – коментира современиот слушател.
Но кога ја напушта куќата каде што, речиси до полноќ, се наслуша секакви брливи приказни од поднапиениот домаќин, му пристудува и додека забрзува, го сепнуваат наближувачкиот топот на коњски копита и тркалањето на пајтонот.