На влезот во берлинскиот музеј „Боде“ на посетителите добредојде им искажуваат две голи скулптури – бронзениот Купидон, дело на ренесансниот вајар Донатело направено во 1429 година за катедралата во Сена и малата бронзена женска фигура на принцеза (или божество) од Бенин, излиена во почетокот на 17 век, веројатно за молитвениот дел на кралската палата. Фигурата на бенинската принцеза е цврста и стабилна, додека херувимот е заводнички грациозен од секој агол од кој се гледа. Хармоничноста на два дела го нарушуваат инвентарските броеви под кои се бронзените скулптури заведени: Купидон е еднократно лесно обележан, додека бенинската принцеза скоро е „истетовирана“ со кодови по должината на ’рбетниот столб и на грбот (продавачи, препродавачи, музеи и галерии оставиле знаци на нејзиниот пат од Бенин до музејот „Боде“).

 

За среќа, овие траги на употреба не го нарушуваат дијалогот што со своето присуство во музејот го отвораат овие две фигури: дијалог за смислата, значењето, за вредноста на некој дел како етнографски експонат или за неговата уметничка дефиниција и препознавање на суштинските вредности. Европскиот херувим и африканската принцеза отвораат дијалог за дијалогот на африканската и европската култура. Донателовиот купидон и бенинската принцеза, дело на анонимен уметник, се сретнале на клучната изложба за преплетувањето и огледувањето на културите „Надвор од споредба: Уметноста од Африка во Боде музејот“, која е приредена во домот на средновековната религиозна европска скулптура, на самиот шпиц на берлинскиот музејски остров.

Принцезата е донесена од Далемдорф да се сретне со херувимот што постојано се наоѓа во музејот насловен по својот основач Вилхелм Боде. На другиот крај на градот, влезот во етнографскиот дел на музејскиот комплекс во Далемдорф на посетителите им се нуди звучна подготовка за запознавање со другите култури: пред стаклениот ѕид, на левата страна на скалите, пред благајницата, од плафонот како електричен бршлен висат слушалки – своевидно чистилиште од урбани звуци од кои цвркотат птици или се лизга музика од Бали, Австралија, северна и јужна Америка, од Африка. Внатре во музејот посетителите ги чекаат вистински откритија – темница од која се појавуваат објекти, секој прецизно осветлен. Одушевувањето на публиката од артефактите неминовно го буди почитувањето на далечните култури на кои берлинските музеи биле посветени.

Пред обединувањето на Германија, Далемдорф бил и берлинско тежиште на средновековната уметност и уметноста на ренесансата – најбогато посветено наоѓалиште на траги од овие епохи во Сојузна Република Германија. Етнографските музеи во берлински Далемдорф се во процес на подготовка за големата селидба на форумот Хумболт, планиран за отворање во 2019 г., кој ќе биде нов центар на уметноста, посебно на неевропските култури. Во пресрет на тоа музеите сместени на Музејскиот остров во текот на 2018 година ќе бидат домаќини на богати колекции: „Лице во лице: Азија ја сретнува Европа“, „Рог, коска и слонова коска“ или европски „Ар нуво порцелан и кинеска вазна“.

На актуелната изложба во музејот „Боде“ првпат се среќаваат вајарските традиции на Африка и Европа – 70 скулптури од западна и централна Африка од колекциите на далемскиот Етнографски музеј се поставени во активен однос со ремек-делата на византиската, италијанската скулптура и скулптурата од централна Европа, истакнувајќи ги нивните доминантни мотиви: моќ, убавина, смрт, идентитет и откривајќи нови перспективи во двете колекции. Важен аспект на оваа средба на скулптурите е прашањето каде и зошто поединечни дела се наоѓаат во етнографски збирки, а други во уметнички колекции и каде е тенката линија меѓу обредната и естетската привлечност на скулптурата и нејзината функција. Распоредот на изложените дела во „Боде“ го носи разбирањето, почитувањето и уважувањето на Африка, чувства што во Европа не се толку често манифестирани кон Црниот Континент.