Да се вратам на Влада Пиштало. Интересно е дека за време на мојот белградски период се зачнаа пријателства со тројца Владовци – Бајац, Дивљан и Пиштало. За секој од нив тројца и денес носам во себе грст живи доживувања што можам убаво да ги складирам во меморискиот неред. На некој спонтан начин, а верувам делумно и поради нашите пријателства, сите, и покрај своите немирни, патувачки судбини, останаа приврзани кон Македонија.
Сепак не се сеќавам кога точно, на која од журките во „Грачаничка“, набиени со џускање, дискусии, флертови и подзаборавени вицови, се запознавме со Влада Пиштало, но можам без напор да го доловам неговиот лик. Можеби затоа што тој, и покрај годините и стареењето, малку го измени својот добродушен мечешки изглед. Но наспроти својот привиден несмасен физикус, Пиштало е пешак што сака рано-рано да скита низ градот (тука, што се однесува до талкањето, наполно се согласуваме, иако јас не сум баш ранобудник), секогаш со нотес на готовс – да прибележи локална анегдота или досетка.
Неколку години помлад од мене, Пиштало поседуваше една особина што тешко ја добиваат луѓе со многугодишно искуство. Добронамерност. Уште како младич, тој се инспирираше од книгите и од приказните на другите. И веќе беше длабоко заразен со литературата. Го гледам како насмеан, забревтан се симнува од вториот кат на зградата на „Југословенски железници“, каде што работеше како новинар, носејќи го во раце новиот број на откаченото лудистичко гласило со колажи од заиграни текстови, фотографии и цртежи – „Београдска манифактура снова“, кое го уредуваше со нескриена радост.
За време на нашето неколкудецениско пријателство, во нашиот регион се случуваа крупни, тешки искушенија – војни, разделби, преселби – кои кај него се струполија многу подраматично отколку кај мене. Така, додека во Босна беснееше ѕверот, Влада одненадеж допатува во Скопје (и, нормално, отседна кај мене), за да го почека татко си, инаку тогашен директор на Народната библиотека во Сараево, кој, и со помош на македонски пријатели, успеа да се извлече од разурнатиот град.
Еве што ми напиша за тоа Влада во еден свој мејл: „Во Скопје тогаш првпат го видов тато по речиси цела една година. Пред тоа комунициравме преку радиоаматери. Постоеше можност веќе никогаш да не се видиме. Чув преку телефон како гранатата удира во Вјечница (тоа е онаа црвена зграда на библиотеката каде што тој беше директор). Судбината сакаше да се најдеме во Скопје. Она што силно ме мачеше, освен грижата за татко ми, беше нешто што би го нарекол ’пуштање отровни гасови’ меѓу луѓето. Со тоа дојде и омразата, што доведе до војни во БИХ.
Скопје беше нормално. Тоа беше оној стар свет на кој бев навикнат. Македонците им помагаа на бегалците од Босна колку што можеа. Самиот град, барем мене, ме асоцираше на заедништвото и солидарноста од времето на скопскиот земјотрес. И порано бев во Скопје. Најубавата посета ми беше кај тебе. Бевме и во Штип.
Засекогаш запаметив еден штипски валцер. Значи бев повикан во гостопримливиот дом на мојот другар Сашо Прокопиев, во улицата Алжирска. Муабетевме за сѐ и сешто како и секогаш. Го читав Хелдерлин, кој го позајмив од твојата библиотека. Висок германски идеализам. Нашите разговори. Прошетките со татко ми и неговите македонски пријатели (и тој имаше многумина), сето тоа се слеа во едно чувство на топлина и нормалност. И сега секогаш велам дека се враќам со љубов во тој град. Не дрдорам нешто ’политички коректно’, туку токму така – се љубов. Ниту на Скопје ниту на мојот другар Сашо тоа никогаш не сум им го заборавил“.