Се надеваме дека со првиот „Скопски поетски фестивал“ ќе ја раздвижиме поетската сцена и ќе придонесеме за поголема разноликост, донесувајќи популарни современи европски гласови како гости, но исто така се надеваме и дека тие, кои не се само поети туку и преведувачи, издавачи и организатори на фестивали, ќе го понесат најдоброто од македонската современа поезија со себе и ќе го пренесат во своите културни средини, вели Величковска
Јулијана Величковска, писателка
Писателката Јулијана Величковска, која пишува проза и поезија, пролетва го привлече вниманието на социјалните мрежи, заедно со неколку поети и поетеси, и со организирањето на првиот „Скопски поетски фестивал“. Фестивалот, како што вели таа, би требало да се одржи кон средината на јуни во Младинскиот културен центар (МКЦ), благодарение на неговата поддршка и на скромната поддршка од Град Скопје.
Јулијана Величковска е родена во Скопје, во 1982 година. Авторка е на монографијата „XX години Поетска ноќ во Велестово“, на стихозбирките „Комарци“ и „Отворена книга“, на романот „Годишни времиња“, како и на дваесетина книжевни преводи од англиски и руски јазик. Нејзини песни се препеани и објавени на шеснаесет светски јазици. Застапена е во неколку антологии на македонската современа поезија, издадени во Македонија, Србија, Чешка, Грција, Италија и во Колумбија, во две антологии на современата светска поезија, како и во една антологија на кратки раскази. Величковска е членка на организацискиот одбор на интернационалната културна манифестација „Поетска ноќ во Велестово“ – Охрид и на Друштвото на писателите на Македонија. Таа е основачка е на издавачката куќа „ПНВ публикации“ од Скопје.
Кој друг, освен МКЦ и Град Скопје, засега го поддржува организирањето на првиот „Скопски поетски фестивал“?
– За жал, и годинава, како и минатата, не добивме поддршка од Министерството за култура, па фестивалот ќе претрпи значајни промени во однос на програмата, но ентузијазмот не нѐ напушта и цврсто сме решени да почнеме со оваа приказна, дури и вака „на мускули“ и со помошта од пријателите. Што се однесува до програмата, ни се виде сосема соодветно кога веќе почнуваме – да почнеме од почеток, oддавајќи им почит и почест на поетите пред нас, оние на кои им должиме најмногу. Па, така, во програмата планираме неколку тематски поетски читања. Едно од нив ќе биде посветено на народното творештво, потоа, во рамките на програмските читања, кои и во иднина ќе се организираат под заедничкиот наслов „Во друштво на мртвите поети“, ќе се одржи поетско читање посветено на Блаже Конески, чија 100-годишнина од раѓањето е повод повеќе за овој настан и, секако, интернационалното поетско читање. Се планира да се одржи и првиот „Поетски саем на книгата“, поради причините што ги наведов ќе биде со помал обем, а ако успееме да обезбедиме средства, ќе се одржи и планираната ликовна изложба на дела инспирирани од поезијата.
Како ја оценувате актуелната поетска сцена во градот и што би му донел на Скопје новиот фестивал?
– Поетската сцена во градот е жива, но, за жал, веќе се чувствува извесна застојаност. Повторувања во однос на темите, неизбежната сличност во изразот, во конципирањето на објавените стихозбирки и слично. Токму затоа сме уште поревносни да го организираме СПФ, со што се надеваме ќе ја раздвижиме сцената и ќе придонесеме кон поголема разноликост, донесувајќи популарни современи европски гласови како гости на фестивалот, но во исто време се надеваме и дека овие наши гости, кои не се само поети туку се и преведувачи, издавачи и организатори на фестивали, ќе го понесат најдоброто од македонската современа поезија со себе и ќе го пренесат во своите културни средини. Се надеваме дека ваквата културна размена ќе придонесе и за подобрување на квалитетот на домашната книжевна сцена, но и дека ќе овозможиме Скопје стабилно да се позиционира и да остави траен белег на европската книжевна мапа.
Со оглед на сè уште присутната пандемија на ковид-19 во светот, како се одвиваат договорите за гостување на поети од странство, кого поканивте?
– Поканивме неколку поети од Европа, имиња што се добро познати за познавачите на современите поетски текови, како што е поетесата Марам ал-Масри од Сирија/Франција, потоа Ким Симонсен од Фарски Острови, кој освен што е поет е и професор на Универзитетот во Амстердам и кој заедно со Владимир Мартиновски ќе одржи работилница по креативно пишување поезија, какви што има одржано и на универзитетите во Стенфорд, Колумбија и Оксфорд. Поканети се и Вонбјерт Ванг, поетеса и претседател на Друштвото на писателите на Фарски Острови, Марија Дејановиќ, поетеса од Хрватска, и Танос Гогос, поет и организатор на поетски фестивал во Лариса, Грција. Но поради непредвидливоста на ситуацијата со ковид-19, постои можност некои од нив да не дојдат, па да бидат поканети некои други гости од регионот.
Свои песни објавувате и во електронски изданија, а вашиот роман „Годишни времиња“ треба да добие и српско издание. Задоволна ли сте како авторка, но и како уредничка во „ПНВ Публикации“ од начинот на кој се одвиваат писателската и уредничката комуникација во регионов?
– Генерално сум задоволна, комуникацијата постои, но сметам дека по ова прашање може да се направи многу повеќе. Секако, пандемијата ги усложнува и ги комплицира работите, исто како што тоа го прави и политичката нестабилност во земјава и во регионот, а се разбира, тука мала вина може да има и меѓу нас, луѓето од фелата, и нашата инертност, која со оглед на околностите во кои сè функционира е, всушност, сосема очекувана и разбирлива. Останува да видиме дали нештата ќе се подобрат во иднина. Ние во „ПНВ Публикации“, секако, ќе работиме во таа насока.
Работевте на преводот на стихозбирката „Сопругата на светот“ од Керол Ен Дафи, годинешната добитничка на „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезија“. Што најмногу ве привлече кај оваа стихозбирка и кои од вашите преведени книги на македонски јазик во овој период им се достапни на читателите?
– „Сопругата на светот“ е првата тематска стихозбирка на Керол Ен Дафи, во која таа им дава глас на партнерките на многу познати мажи од приказните, митовите, историјата итн. И, на познатиот феминистички начин на Дафи, ни нуди една поинаква перспектива за нив низ очите на нивните жени. Збирката обработува теми како сексизам, еднаквост, ожалостеност и раѓање, а исто така ги разгледува и важните настани во историјата од женска перспектива и на контроверзен начин, па верувам дека оваа збирка ќе биде многу интересна за македонската публика. Од другите мои препеви годинава, наскоро од печат треба да излезе стихозбирката „Жолтата куќа“ од Вилијам Вол од Ирска, а претходеа стихозбирки од Ким Симонсен и Дерин Рис-Џоунс, кои од сѐ срце ги препорачувам.
А што би можеле да очекуваат посетителите на годинешното издание на интернационалната манифестација „Поетска ноќ во Велестово“, чија членка на организацискиот одбор сте и вие?
– За жал, интернационалната поетска ноќ посветена на современата хрватска поезија, на која требаше да гостуваат петмина поети, ќе отпадне овој пат, поради немањето слух од страна на Министерството за култура, но традицијата секако дека ќе продолжи. Ќе имаме ноќ посветена на творештвото на Ристо Лазаров, изложба од Славко и Никола Упевче, се надеваме дека ќе можат да дојдат и поетесите од Исланд – Сигурбјорг Трастардотир и Кристин Омарсдотир, како и Сергеј Тимофеев од Летонија, и повторно ветуваме квалитетна програма и поетски читања на алтернативни локации, кои ќе нѐ доближат до природата и ќе понудат поинакво доживување и за поетите учесници и за публиката.