Мексиканската уметница и културна икона Фрида Кало е несомнено најпознатата светска надреалистка, но жените низ светот веќе долго време ја користат уметноста за да ги достигнат длабочините на соништата и нереалното.
И покрај надреалистичкото движење што се одвивало во Европа во 20 век, каде што доминирале мажите, жените придонеле за овој жанр во текот на целиот тој век, па сè до современиот период, што може да се види и во делата на Никол Ајзенман и Инка Есенхајг денес. Истакнуваме осум надреалистки чии кариери опфаќале сè, од сликарство до поезија.
Гертруда Аберкромби
Со наклонетост кон месечината, црните мачки и мистериозните жени, Гертруда Аберкромби во своите слики привлекува еден замислен готски среден запад. По потекло од Остин, Тексас, Аберкромби поголемиот дел од својот живот го поминала во Чикаго, а до 1940-тите години таа и нејзиниот сопруг се сместиле во луксузен викторијански дом, каде што честопати правеле екстравагантни забави за џез-музичари и уметници. За разлика од нејзиниот бурен живот, рамните фигури и експанзивните пејзажи на Аберкромби, тивко осветлени од ноќното небо, им даваат световен допир на сликите, кои како да доаѓаат од некој друг свет.
Ремедиос Варо
На почетокот на Втората светска војна, шпанската сликарка Ремедиос Варо и нејзиниот втор сопруг, францускиот поет и надреалист Бенжамен Пере, побегнале од Шпанија, која била под власт на Франко, и од нацистички окупираниот Париз и се преселиле во Мексико, каде што Варо го развила својот духовит стил на надреализам. Под големо влијание на литературата, природата, религијата и нејзините пријателства со колешката надреалистка Леонора Карингтон и фотографката Кети Хорна, Варо ја преточила својата интелектуална и духовна љубопитност во фантастични слики. Во делата на Ремедиос Варо насликани по 1949-та се гледа нејзиниот впечатлив и зрел стил, препознатлив и длабоко енигматичен.
Доротеа Танинг
На сликите, цртежите и скулптурите на Танинг најчесто се прикажани ликови на жени во опкружување што личи на сон. Делото „Роденден“ (1942) е автопортрет на сликарката со разголени гради. Таа и митско крилесто суштество гледаат во непознат натрапник, кој може да биде набљудувачот на делото, попречувајќи ги фигурите пред да тргнат на пат низ бесконечниот ходник со отворени врати. Танинг живеела во Њујорк, каде што го запознала колегата надреалист, а потоа нејзин сопруг Макс Ернст. Двојката поминала време во градот и во Седона, Аризона, пред да се пресели во Франција на крајот на 1950-тите години, каде што почнала да се фокусира на апстракција и мека скулптура. По смртта на Ернст во 1976 година, Танинг се вратила во САД и објавила две книги мемоари.
Хелен Лундеберг
Во 1934 година, една од најзначајните надреалистки во Калифорнија, Хелен Лундеберг и нејзиниот сопруг Лорсер Фајтелсон го создале она што стана познато како постнадреализам, пишувајќи го единствениот американски манифест за да го предизвикаат европскиот надреализам на Андре Бретон, кој се залагал за изразување чист психички автоматизам. За разлика од нејзините европски колеги, Лундеберг верувала во порационална форма на креативност за да го прикаже несвесниот ум. Како луциден сон, во нејзините слики внимателно се одразуваат мистериите на биологијата, астрономијата и физиката.
Мерет Опенхајм
Во Париз во 1930-тите години, Мерет Опенхајм се движела во истите кругови како Бретон и Ернст и му била муза на авангардниот американски фотограф Мен Реј, во серија разголени и еротски портрети. Иако експериментирала со сликање и фотографирање, Опенхајм е најпозната по нејзините препознатливи садови покриени со крзно. Оваа трансформација на секојдневните предмети во симболични референции, кои укажуваат на експлоатацијата на женското тело во општеството, на Опенхајм ѝ донела признание дека е многу повеќе од само муза.
Роза Роланда
По потекло од Калифорнија, Роза Роланда одржувала славна кариера како танчарка во Њујорк во текот на раните 1900-ти, но под влијание на романтичната афера со мексиканскиот уметник Мигел Коварубиас, таа развила талент за фотографирање откако се преселиле во Мексико, во 1925 година. Експериментирала со фотограми, создавајќи значителни серии на надреалистички автопортрети, за кои се смета дека можеби влијание имал Ман Реј, кој ја фотографирал во Париз во 1923 година.
Леонора Карингтон
Британската новелистка и сликарка надреалистка Леонора Карингтон имала блескава кариера во временски распон од седум децении, произведувајќи разновиден спектар на слики и скулптури што ја истражуваат митската тематика. Таа исто така има објавено и раскази. Откако се преселила во Франција, со партнерот и колега надреалист, сликарот Макс Ернст, Карингтон изложувала на Меѓународната изложба на надреализмот во 1938 година. Во следните четири години таа доживеала нервен слом, учествувала на изложбата „Првите трудови на надреализмот“ во 1942 година во Њујорк, а пред да емигрира во Мексико, заедно со Марсел Дишан, ги напишала надреалистичките мемоари „Ен бас“ во 1943 година. Таму Керингтон развила блиско пријателство со Ремедиос Варо, се омажила за унгарскиот фотограф Емерик Вајс во Мексико Сити и го усовршила својот занесен, магичен уметнички стил.