Од вчера па до февруари следната година, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена изложбата „Сета љубов“, чии кураторки се Мира Гаќина и Јованка Попова. Музејот е отворен од 10 часот за посетители секој ден, освен понеделник, но поради специфичноста на изложените дела, кураторките сугерираат дека поставката е најдобро да се погледне меѓу 16 и 20 часот, освен недела кога музејот работи до 13 часот.
Во рамките на изложбата со свои дела, уметнички инсталации и видеа ќе се претстават 11 уметници од земјава и светски признаени автори, кои денес изложуваат во сите водечки уметнички центри низ светот како: „Тејт“, „Бобур“, „Гугенхајм“, „Мома“. Ќе бидат претставени дела од Кети Чукров (Русија), Хедер Дјуи Хагборг (САД), Коко Фуско (Куба), Карлос Мота (Колумбија), Ширин Нешат (Иран), Агњешка Полска (Полска), Рена Редл и Владан Јеремиќ (Србија), Нора Турато (Хрватска), како и од македонските уметници Велимир Жерновски и Никола Узуновски.
– Една од целите на МСУ-Скопје е активно да соработува и да изложува автори што денес можат да се видат во сите водечки уметнички центри низ светот и кои се предводници на актуелната уметничка сцена по прашања што отвораат ангажирани тематики. Темата на која се фокусиравме е особено важна затоа што е поврзана со денешните состојби на несигурност и истовремено бара начини преку различни уметнички медиуми да нè воведе во доживувањето на различното, односно нè насочува кон идејата дека светот може да се доживее од аголот на разновидноста, од перспективата на другиот – вели кураторскиот тим.