Една година од пожарот во Богородичната црква

Воениот генерал задолжен за обнова на Богородичната црква изјави дека сè уште е можно катедралата, уништена во пожар пред точно една година, да се отвори во 2024 година, како што вети Емануел Макрон, доколку сите „ги засукаат ракавите“. Жан-Луи Жоржулан инсистира на тоа дека неочекувани одложувања во реставрацијата на катедралата од 13 век – вклучувајќи го и коронавирусот – не треба да го надмине рокот од пет години.
– Доколку секој ги засука ракавите и работата е добро испланирана, враќањето на катедралата во богослужба во рок од пет години нема да претставува невозможен подвиг. Очигледно, областа околу катедралата ќе биде далеку од завршена, а можеби врвот и нема да биде воопшто завршен, но катедралата повторно ќе биде место за богослужба и тоа е нашата цел – рече тој.

Пожарот се случи на 15 април 2019 година, во основата на 93 метри високиот врв од дрво и од олово, дизајниран од архитектот Јуџин Виолет Ле Дук и додаден во 1859 година. Пламенот брзо се рашири на ребрестиот покрив на катедралата, составен од дабови греди, познати како ла фортети (шума), стари стотици години.
Додека пожарот се ширеше, ужаснатите парижани излегоа надвор да гледаат како пламенот го осветлуваше ноќното небо. Непосредно пред 20 часот, покривот се сруши на дел од засводениот транспект на катедралата. Прашањето што да се прави со врвот остана да се поставува уште долго откако се изгасна пожарот. Жоржулан предупреди дека аргументите за тоа дали треба да се реконструира како порано или да рефлектира „современ гест“, како што предлагаше Макрон, ризикува да ги забави работите.

– Мора да продолжиме со работата и да не се занимаваме со контроверзии. Колку побрзо се донесе одлука за врвот, толку побрзо ќе можеме навистина да се концентрираме на вистинската реконструкција. Важно е целите да бидат поставени – изјави Жоржулин за магазинот „Л’експрес“.

Околу 500 пожарникари се бореа 15 часа да го спречат пожарот да се прошири од покривот кон двете кули во кои се сместени катедралните sвона. Доколку дрвените рамки на кулата се запалеа, можеше да се случи ѕвоната, вклучувајќи го и најголемото ѕвоно „Емануел“ со тежина од 13 тони, да паднат и да ја срушат целата структура. Пожарот конечно беше изгаснат во 21.30 часот следниот ден. Уништени се две третини од покривот, но Богородичната црква сè уште стоеше. Макрон веднаш ѝ вети на шокираната нација дека катедралата ќе се прероди за пет години.
– Ќе ја изградиме оваа катедрала заедно. Тоа е дел од нашата француска судбина. Ветувам дека ќе го сторам тоа – рече тој.

Оттогаш, 40-члената јавна комисија, која ја надгледува реставрацијата предводена од Жоржулан, се соочи со голем број предизвици. Работата беше стопирана минатото лето, додека не се отстрани загадувањето со олово, а потоа повторно наесен кога Париз беше погоден од ветрови со брзина до 40 км на час. Специјалисти градители, повикани од различни региони на цела Франција да учествуваат во операцијата за обнова, беа испратени дома кога Франција на 17 март беше првпат погодена од ковид-19. Жоржулан рече дека ги разгледува начините за делумно да се започне работата. Иако зградата сè уште е официјално прогласена за „опасност“, генералот изјави дека опремата за набљудување, поставена на различни делови од зградата, не била преместена од минатата година.