Главата 45 (стр. 236-244) од вториот дел („Празнина“) игра клучна улога за романот „Последното име…“ од писателот Грозданоски, и тоа по неколку основи: а) таа глава по еден суштински начин го одредува (моделира) раскажувањето на третиот, завршен дел на тој роман; б) по енергичен начин го преосмислува тоа што се раскажува до таа глава во вториот дел од романот за да го в) услови и обликува тоа што ќе следува како раскажување во истиот, втор дел на таа глава и г) доминантниот наратив го преобразува во дискурсив (дебата), кој, како што реков веќе во првиот дел од мојата критика за романот на Грозданоски е одлика на првиот дел („Тело“). Како изгледаат тие апстрактни одлики на таа глава или, уште подобро, како се конкретизираат?
Откако паѓа во длабок очај по оној настан/инцидент со девојка триесет години помлада од него (Лејла), за кој не е начисто дали е режија на неговиот душман Немања Крстиќ или, пак, клопка на таа, навидум, невина и неискусна девојка (сака по секоја цена да побегне во Германија), инженерот Јоха Имерман заминува за Дубровник на средба со својот консултант Анџело Марино во надеж дека, со негова помош, ќе најде излез од амбисот/хаос во кој се нашол. Како што таа глава е клучна за романот на Грозданоски, така оној дел од таа глава во кој се излага животната филозофија на консултантот Марино е клучна за таа глава. По кус и јасен начин тој консултант ја формулира својата животна филозофија по следниов начин: „Еве, ситуацијата со Ирис;“ „може да бираш – малодушност, гордост, или благодарност;“ малодушноста е „самообвинување, себепрезир [ennui кај Бодлер], бес, тага;“ „може да одбереш гордост и тоа, на прв поглед дава сила;“ „или можеш да бидеш благодарен, да речеш смирено, да речеш: фала ти Празнино [истак. од авторот на романот] за ова искуство кое не беше посакувано, ни предвидено но кое сигурно се случи за да гледам на нештата од повисоко ниво на свест. Си простувам за ова…“
Првин, неколку неопходни збора за исказот „Си простувам за ова“, кој го внесува во устата на очајниот Јоха Имерман неговиот консултант Марино. Зашто механизмот „прошка“ е единствениот, спасоносен (вид морална катарза) гест кој помага да се истргне човек од канџите на злото за да се врати, прочистен, во топлите, меки (мајчински) „прегратки“ на доброто?
Во својата поучна книга „Интимна побуна“ (La révolte intimne, 1997) Јулија Кристева, голем авторитет во областа на модерната лингвистика и психоанализа, посветува една обемна глава на механизмот прошка („Може ли прошката да оздрави?“). Во таа глава Кристева објаснува дека оној што проштева, како и оној што си проштева себеси (така е во романот за кој тука станува збор), не прави друго освен што му дава/дарува нешто на оној што бил лишен од тоа – „нешто.“ Зборот прошка (францускиот еквивалент е par-donne) значи, според авторот на „Интимен револт“ дар, давање. Оној што прима дар/прошка, го добива тоа што многу му недостига – празнината на писателот Грозданоски. По таков начин, тој што прима го менува својот статус од огорчен во благ/среќен човек.
Несреќа за инженерот Имерман во романот „Последното име…“ е онаа кобна веселба кон почетокот на октомври 2011 кога се опива како земја и кога допушта, со неговиот џип, девојка помлада од него триесет години, да го одведе во неговиот дом во Гацко; кога таа „логично“ завршува во неговиот кревет; кога, потоа, тој се труди да го замачка тој настан така што ја пакува во „голем црвен куфер;“ кога, исто така „логично“ ја враќа во нејзиното село за да ја остави во напуштена куќа и, кога, згора на сето тоа, се обидува да ја скрие таа страшна вистина од својата жена Ирис.
Таа кобна несреќа е – недостиг според Кристева, а празнина според Грозданоски. Оној што ве дарува/дава за да ве спаси од тој недостиг не прави друго освен што покажува еден човечки гест на сочувство, на разбирање и солидарност кон вас, другиот или ближниот свој. Во оној посебен случај („си простувам“) од романот „Последното име…“ дарува и дава подобриот дел од душата на човек. Прима дар (прошка) нејзиниот полош.
Сега, сосем кусо за душата на животната филозофија на Анџело Марино, која се кристализира во зборовите малодушност, гордост и благодарност. Тие три збора се некој вид ехо на животната филозофија на еден старец од романот „Шагринска кожа“ (1832) на Оноре де Балзак. Тој старец се обидува да му спаси живот на очаен студент (Рафаел Валантен) така што му советува да ја избере мудроста (savoir), a да се воздржи од заведливоста на власта (pouvoir), односно од магнетизмот на страста/сака (vouloire). Има ехо на тој филозофски роман на Балзак и во романот „Записи од подземјето“ на Фјодор Михаилович, кој, во својата младост, го преведе на руски неговиот роман „Евгение Гранде.“ Нема тука да објаснувам во детали која и каква е врската на „благодарноста“ со онаа „мудрост“ од романот на Балзак со нејзиниот еквивалент „сознание“ (свест) кај Достоевски. Ќе кажам само дека таа блискост зборува за сродности на тие три романа и, секако, на свој начин, за нивната уметничка вредност.
Атанас Вангелов