НЕДЕЛА НА ШПАНСКИОТ ФИЛМ
Во октомври 2009 година, Кинотеката го започна првото претставување на шпанската кинематографија во форма на Недела на шпанскиот филм. Изминативе 12 години соработката меѓу Амбасадата на Шпанија во Скопје и Кинотеката на Македонија резултира со прикажување десетици филмови и претставување на најрепрезентативните автори на шпанската кинематографија, од класиците Луис Буњуел, Хуан Антонио Бардем, Луис Гарсија Берланга или Карлос Саура, до многубројните современи автори од крајот на 20 век, па до ден-денес.
– Во изборот на седумте филма на Неделата на шпанскиот филм, од 10 до 17 ноември, на годинешното издание на „Скопје филм-фестивал класик“ доминираат семејните теми прекршени низ призмата на социјалните и општествено-политичките состојби, или портрети на „малите“ луѓе врамени во големата историска слика. Првиот наслов е документарниот филм „Омега“ на Хервасио Иглесиас, Жозе Санчез-Монтес, сместен во неизбежната носталгија што ја спојува поезијата на Леонард Коен и Федерико Гарсија Лорка со гласот на легендата на Енрике Моренте, музичарот што му даде нова димензија на фламенкото, а сето тоа испреплетено со панкрок-музиката на шпанскиот бенд „Лагартија Ник“ – најавуваат од Кинотеката.
Филмот „Духот на пчелната кошница“ на Виктор Ерис во хрониките на шпанската кинематографија е закитен со епитетот врвно остварување. Критичарите ја истакнуваат експресивната фотографија на Луис Квадрадо, композиција на кадарот и автентичните локации, актерските креации и суптилната алегорија на диктаторскиот режим на Франциско Франко, која на филмот му ја донела наградата за најдобро остварување на Филмскиот фестивал во Сан Себастијан.
„И девет писма за Берта“, дебитантски филм на Базилио Мартин Патино, спаѓа меѓу најзначајните наслови на новата шпанска кинематографија. Филмот победи на фестивалот во Сан Себастијан во 1966-та и ја освои наградата на шпанските филмски критичари во 1967 година.
Луис Гарсија Берланга, клучната фигура на современата шпанска кинематографија, е застапен со два наслова, „Национално наследство“ и „Ракетата од Калабуч“. И двата наслова на Берланга се суптилна вивисекција на четириесетгодишната диктатура на Франциско Франко, па делата на некогашниот директор на Шпанската национална филмотека (од крајот на седумдесеттите до почетокот на осумдесеттите години на 20 век) се вистински бисери на шпанската кинематографија.
Неделата на шпанскиот филм ги содржи и социјалната драма „Невините светци“ на Марио Камус и филмското „женско писмо“, насловено „Матахарис“, на Исиар Бојаин. Бојаин е позната и популарна актерка во шпанската кинематографија, практично „дете“ на Виктор Ерис, дебитирала како 16-годишна актерка во неговиот втор значаен филм, „Југот,“ и последнава декада е една од водечките авторки. „Матахарис“ освои десетина национални награди на шпанските филмски фестивали, продолжувајќи ја низата на успесите на нејзините претходни авторски филмови.