Кога го прашале Жан Кокто што би понел од својата куќа што гори во пожар, тој рекол дека со себе ќе го земе огнот. Се надевам дека од оваа врела неизвесност ќе го извлечам огнот, а не огорченоста, вели Сарџоска за поуките што ќе ги извлече од актуелната криза
Наташа Сарџоска, авторка
Наташа Сарџоска (1979, Скопје), поетеса, писателка, есеистка, антрополог, преведувачка и перформерка, докторирала антропологија на „Карлс Еберхард“ во Тубинген, на Универзитетот во Бергамо и на „Нова Сорбона“ во Париз. Авторка е на пет поетски книги: „Сината соба“, „Кожа“, „Тој ме повлече со невидлив конец“, „Жива вода“ и „Крстна коска“, како и на голем број есеи и раскази.
Годинава веројатно ќе ја паметиме по пандемијата, но по што вие лично ќе ја запаметите?
– Загубив некои битки, но освоив некои будења. Тие внатрешни распаќа и премрежиња ми донесоа плоден творечки нагон. Почнав да пишувам роман токму во јануари. Мојата поетска книга „Крстна коска“ излезе во Италија и во Косово и избор песни беа објавени во САД, Латинска Америка, Колумбија, Мексико, Србија, Хрватска, Португалија. Чувството да се биде преведен на повеќе јазици и да се биде поканет на меѓународни поетски фестивали е неспоредливо возбудливо, зашто моќен соучесник на авторот во поетската креација е и публиката, не само читателот. Всушност, пишувам и зашто верувам дека овој чин на творештво е ветување за откровение на светлина и човечки допир. Во март бев на книжевна резиденција во Тирана преку програмата „Читајќи го Балканот“. Но таму морав да ја откажам промоцијата на изданието на албански јазик, во превод на Шкелзен Халими, за да се вратам во Скопје поради прогласувањето вонредна состојба во Албанија и потем кај нас.
Тоа ми донесе страв, но и разочарување зашто следуваше и откажување на италијанската промоцијата на книгата во Палацо деле еспозициони во Рим, настапи на саемите за книга во Торино и во Милано, учество на книжевниот фестивал во Таранто. Следуваше и презакажувањето на моето учество на најголемиот светски фестивал за поезија во Меделин во Колумбија. Овие неразумни и тегобни настани ме растажија и ме уверија во фаталноста што отсекогаш сум верувала дека постои зад секој наш чин и час. Човечкото суштество и покрај својата безграничност и илузорна семоќност, сепак е немоќно пред природата и не може со сигурност да ја предвиди или определи својата иднина. Зашто, како што вели Жозе Сарамаго, кој е првпат објавен на македонски јазик во мој превод, животот им се потсмева на предвидувањата, онаму каде што очекуваме одговор тој ни поставува тишина, ни нуди неочекувања, враќања онаму каде што веруваме дека некој си заминал.
Каде и како ги поминувавте деновите во изолација, како го протуркавте овој животен период?
– Со неминовност, со помиреност, со покорност. За еден писател, поет, самотијата, тишината и изолацијата се природни состојби. Затоа и покрај несигурноста со која сѐ уште живееме сите, не ми пречеше да се повлечам, да тихувам и да ги одложам принудно своите обврски, зашто така можев да се посветам на себеси, на моето тело и ум и да дишам спокојно. Оваа здравствена криза како да сака да ни покаже дека човекот заборавил да дише слободно во секоја смисла на зборот. Постојано луѓето се жалат дека немаат време, а сега кога добија време, не знаат што да прават со него. Во изолација работам на мојот прв роман и за тоа имам поддршка од писатели, кои ги ценам неизмерно. Неочекувано се посветив и на новата поетска книга што почнав да ја пишувам за време на мојата книжевно-преведувачка резиденција во Барселона во октомври 2019 г. во каталонскиот институт „Рамон Љуљ“. Напишав и расказ, кој е објавен во антологијата на изолацијата, „Карантински приказни“ кај издавачкиот центар „Три“, за што особено се радувам и сум му неизмерно благодарна на издавачот. Често спортувам во природа, а дома освен што пишувам сакам да готвам и да сликам. Оваа парадоксална состојба на ограничувања и отстранувања, на дистопија и аномија ми донесе ново книжевно творештво и поинакво внатрешно искуство, иако со тешкотија ја поднесувам затвореноста на границите, неможноста да се движам каде што сакам и непосредно да ги одредувам своите патописи.
Во нормални услови доста патувате, ве обесхрабруваат ли сегашните ограничувања, ситуацијата во Македонија? Како антрополог како гледате на борбата со коронавирусот?
– Многу ме обесхрабруваат и раздразнуваат затоа што неколку мои патувања и меѓународни настапи се откажаа и авиокомпаниите ставија приоритет на своите приходи, а не на правата на патниците заштитени со регулативите на Европската Унија. Погодени сме од последиците на здравствената криза што ја разорија светската економија, но сепак неволно ги прифаќаме неправедноста и нелогичноста на овој свет. Тешко е во ваква навала на траурни настани да се задржи светлата рамка на магливата иднина. Но нужно е човекот да го искорени светогледот во кој навикнал зачмаено да функционира (често дури и само биолошки) и радикално и жестоко да се справи со животот. Оној што постои само во конформизам, во суштина не живее. Маргарит Јурсенар велеше дека конформизмот е бедна болест. Разочарана сум од ниското ниво на свест и совест на повеќето македонски граѓани. Луѓето лесно обвинуваат надворешни фактори, злото го бараат другаде, често развиваат речиси паразитски однос кон својата околина, но ретко кој развива внатре во себе познание и познавање за личен придонес кон општото и заедничкото добро. И тука не ме загрижува само немањето грижа за другиот, туку и немањето грижа за себе, а ние сме самите на себеси најверните доживотни сопатници. Во антропологијата постои поделба на индивидуалистички и на колективни култури. Нашата култура, како и повеќето медитерански и балкански култури, е колективна култура (колективни култури на светско ниво постојат во Кина, Бразил итн.). Меѓу многуте одлики на колективните култури се и т.н. социјални кохезии, кланови и групирања според корпоративен интерес, трибални матрици на соживот и на содејствување, робување на статусни симболи, вреднување на друштвен живот, на брачен живот, на многубројни семејства итн. Тоа е поразително во борбата против коронавирусот не само низ призмата на ризик од зараза (поради густината на луѓе, а научивме дека главен преносител на вирусот е човекот) туку и поради ризик од градење колективни споделени вредности, убедувања, одговорности, идентитети, нарцизам, национализам, агресија, па дури и колективна вина и лага.
Неодамна ви излезе нова книга поезија во Италија. За што станува збор?
– Поетската книга „Крстна коска“ излезе минатата година и е посветена на мојот покоен татко. По неколкуте промотивни настани во Скопје, во МКЦ и во градската библиотека „Браќа Миладиновци“, и во Охрид, во Културниот центар 365, со проф. Димитар Пандев и проф. Владимир Мартиновски, како и по номинацијата за наградата „Браќа Миладиновци“, добив понуда од косовскиот издавач „Армагедон“ и од италијанскиот издавач „Интерно поезиа“ за објава на албански и на италијански јазик. Изданијата се поддржани од Министерството за култура на Македонија. Таа стимулација е многу важна за промоцијата на секој автор што пишува на мал јазик. Многу е тешко да бидете поет во мала земја и да творите на јазик што го говорат околу два-три милиони луѓе. Затоа се радувам неизмерно на секој мој превод. Често се преведувам и самата себеси затоа што активно говорам седум јазици. Тоа е посебен предизвик зашто често, кога се преведувам себеси, јас и се предавам себеси, во смисла: си вршам предавство на себеси самата како поет.
Како ќе оди промоцијата на книгата со оглед на пандемијата?
– Добив покана за виртуелно учество на фестивалот „Болоња ин летере“ во Болоња од директорот на фестивалот Ензо Кампи во април 2020 г. Италијанската поетеса Марилена Ренда водеше со мене разговор за процесот на создавање и симболиката на мојата книга, за значењето на насловот, за замките на автопреводот. Настапив со песни од оваа книга и преку онлајн платформата на фестивалот за поезија „Пароле спаланкате“ во Џенова, по покана од директорот на фестивалот, поетот Клаудио Поцани. Преостанатите настапи во Рим и во Таранто се презакажани за октомври, но со оглед на влошената состојба кај нас, не знам што ќе се случува тогаш. За следната година добив нови покани на светски книжевни фестивали. Можам само да се надевам дека ќе заврши овој кошмар, дека светот ќе се вразуми и природата ќе има милост за нас.
Како ќе се одвиваат понатаму културата и уметноста, кои го задржаа сепак своето делумно присуство во кризниов период, ќе трпат ли последици?
– Театарот, танцот, филмот, музичките концерти се соочуваат со нови форми на израз. Некои уметници доброволно прибегнуваат кон нови виртуелни медиуми на творештво, зашто губат и настапи и приходи. Но оваа криза беше поттик за многу писатели. Книжевното творештво се создава во самотија и неподвижност: доволни се бел лист хартија, молив, прозорец со поглед. Можам да создадам, да прочитам, да преведам, да напишам поетска творба, расказ, писмо седејќи дома со денови. Во оваа изолација прочитавме, споделивме, слушнавме многу нови поетски творби. Во моментов работам на еден виртуелен проект на театар и поезија со италијанскиот театарски режисер Роберто Кајафа. Поетскиот театарски перформанс за мене е возбудлив предизвик. Сепак, се плашам од пренагласената дигитализација на уметноста и културата, и нејзиното сведување на холограм, на виртуелна инстант уметност за масовна употреба и произволна потрошувачка каде што уметникот може да стане еден вид киборг. Тоа е ризик, зашто така може да се обезвредни, отстрани, оддалечи, обезличи, обесцени (па можеби и обездоми!) уметникот, творецот, а со него, поради тоа, и публиката, човечкиот опиплив, телесен контакт со уметноста. Општество што се развива само врз консумеризам, врз клиентелизам, врз корпоративност, врз корупција, без духовни вредности, без уметност, без култура, без инвентивност, без правда ризикува да стане дехуманизирано, тоталитаристичко, хомогенизирано, оскудно, стерилно.
Ако можевте да избирате, каде би сакале да се најдевте во изминативе два-три месеци?
– Требаше сега веќе да бидам во Куба и на Карипските Острови на одмор, одамна купив билет и резервирав хотели, но аеродромите во Панама и во Хавана беа меѓу првите што ги укинаа летовите од Европа. Мојот сон прекина уште пред да настане. Животот ми покажа инакво лице со кое сега учам да се соживувам. И покрај таа романтична димензија на копнежот како мој главен уметнички и витален двигател, сепак извесно чувство на неизвесност ме наведе да останам во Скопје во мојот дом блиску до семејството и пријателите во овој период. Но ако можев да изберам, ќе одберев бездруго да се најдам сама и во тишина во некој непрегледен и недогледен и сосема ненаселен предел како Патагонија или Сахара. Или Јамајка, зошто да не.
Што ќе извлечете како поука од оваа криза?
– Кога го прашале Жан Кокто што би понел од својата куќа што гори во пожар, тој рекол дека ќе го земе со себе огнот. Се надевам дека од оваа врела неизвесност ќе го извлечам огнот, а не огорченоста.