Преведувачката на романот, Милена Врба, во својата рецензија на порталот „Маѓепсани страници“ за преводот на романот „Нишан“ од Блаже Миневски, напиша дека е литературен дијамант, исклучително ремек-дело на македонската литература, предизвикувачки и исклучително амбициозен постмодерен роман
По објавувањето на „Нишан“ во издавачката куќа „Слоу“ од Варшава, чие издание е финансиски поддржано во програмата за литература на Министерството за култура на Полска, романот на Миневски предизвика голем број реакции и позитивни рецензии, кои ја истакнуваат вербата во лирската природа на прозата, во еманципативната моќ на јазикот, во потрагата по суштината на креативниот процес, но и во нејзиното општествено значење и акција.
– Романот на Миневски предизвикува внимание од самиот почеток, не само со стилот туку и со уникатната структура со еден маж и една жена, кои со првата реченица ветуваат многу оригинален роман. Невозможно е да не се забележи дека станува збор за исклучително интересен наратив. Конструираните енциклопедиски индиции изненадувачки точно ги отсликуваат улогата и функциите на литературата, способноста да се пука со зборови наместо со куршуми и притоа да се има свест за тоа за кого се наменети рафалите. Македонскиот писател привлекува внимание со аспектите на литературата што го прават тоа утилитарно, но без да ги негираат естетските вредности – пишува Јарослав Чехович.
Според Лила Мороз-Грзелак од Институтот за словенски студии на Полската академија на науките, во богатата структура на фиктивната приказна што не е ништо повеќе ни помалку од (не)реалниот живот, нараторот преплетува теми поврзани со војните, историјата на детството и адолесценцијата, драмски ликови од литературата и спомени од неговите книжевни студии во Ајова.
Во освртот на Патриција Чајицка стои дека „испреплетувањето на книжевните мотиви и животот на нараторот се една од квалитативните детерминанти на талентот на македонскиот писател“.
– Како и другите големи книжевни дела, „Нишан“ е повеќеслојна, поетска и оригинална проза, блескав, интертекстуален роман. Секој што бара потврда за високиот квалитет на современата балканска литература, мора да го прочита овој извонреден роман на Миневски. Структурата на романот балансира на работ на фикцијата и реалноста, а приказната несомнено е своевиден одраз на бесмисленоста на оружените конфликти – пишува Јустина Млецак.
Преведувачката на романот, Милена Врба, во својата рецензија на порталот „Маѓепсани страници“ за преводот на романот „Нишан“ од Блаже Миневски, напиша дека е литературен дијамант, исклучително ремек-дело на македонската литература, предизвикувачки и исклучително амбициозен постмодерен роман.
– Станува збор за многу специфична проза, која бара огромна концентрација и отвореност. Убава, лирска, со многу густ јазик, со сложена нарација, со користење техника на тек на свеста, полна со симболика и многубројни референци за литературата. Романот е запис за менталното искуство на човечко суштество, заснован на внатрешниот монолог на протагонистот, кој на еден специфичен начин ја перципира реалноста. Протагонистот не ги евоцира своите спомени хронолошки, односно тие се појавуваат спонтано или се предизвикани од одреден настан или асоцијација, а понекогаш и со мисла. Раскажувањето се обидува да го имитира растроениот начин на размислување на луѓето, па јас овој роман на македонскиот романсиер со задоволство го споредувам со „Улис“ на Џојс – напиша Врба.
Според неа, „Нишан“ е роман за зрели и остроумни читатели, кои ја ценат уметноста на раскажување, оние што уживаат во литературни експерименти и јазик полн со неконвенционални метафори и споредби.
– Романот на Миневски е за луѓе со отворени умови, кои сакаат да ги прошират своите литературни хоризонти. Признавам дека овој роман ме маѓепса, го чувствував со недели, некои пасуси ги читав по неколку пати, но нема да ве лажам – тоа не е книга за секого. За просечниот читател, кој претпочита претежно популарна литература, „Нишан“ ќе биде премногу тежок за читање, но во тоа е и големината на вистинската литература – пишува меѓу другото.