Визуелниот уметник Матеј Богдановски, кој го сврте вниманието на јавноста со својот стрип „Улица“, смета дека печатениот стрип или книга тешко може да се споредат со онлајн претставување и дека остануваат две различни работи
Матеј Богдановски, уметник
Матеј Богдановски дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, сликарски оддел, на истиот факултет завршил и постдипломски студии. Изложувал на повеќе групни и самостојни изложби во земјава и во странство, а се занимава со графички дизајн, илустрација, стрип, сценографија. Автор и издавач е на книгата „Приказни од Чудновија“, на збирката мимови „Скопје радост ти ќе бидеш“, на стриповите „Патенталија и Тентелина – Чиста десетка“ и „Кшшц“, додека стрипот „Улица“ е во издание на фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Го создадовте стрипот со наслов „Улица“, според истоимената повест на Славко Јаневски. Успеавте мошне вешто да ја доловите атмосферата од делото на Јаневски, чие дејство е сместено во 1930-тите години. Ви беше голем предизвик оваа работа?
– Работата беше предизвик од повеќе аспекти. Пред сѐ се работи за литературно дело на наш класик, а тоа, само по себе, е нешто што ѝ дава посебна одговорност на работата. Дејството на приказната се одвива во конкретно време и место, а тоа бараше дополнително истражување. На крајот сето тоа требаше да се сработи за многу кратко време, поточно за пет и пол месеци, а тоа бараше и добра организација на времето, дисциплина и посветеност. Но бидејќи целата работа ја работев со големо задоволство, ништо од наведеново не беше некаква тежина или проблем.
Во повеста и во стрипот, една „обична“ улица во центарот на Скопје игра голема улога во животот на млад човек, кој е еден од повеќето добро опишани, но и нацртани ликови. Ви беа ли потребни дополнителни информации за некогашниот изглед, но и за духот на градот од времето пред почетокот на Втората светска војна?
– Кога се прави дело, во овој случај стрип, со одреден историски контекст, убаво е да се знае повеќе за времето што се опишува. Изгледот на Скопје во 1934 година, како мал град на една друга држава, многу се разликува од денешното и од урбанистички и од аспект на градско живеење. „Улица“ не е само приказна за една улица или за улиците на Скопје туку за улицата како начин на живот, поточно животната школа што ја дава таа.
Скопје, каде што сте родени и каде што живеете, често е присутно и во вашето севкупно творештво, а вие и во овој пандемичен период често поставувате свои дела, слики, колажи, цртежи… Подготвувате ли можеби „обична“ или, пак, виртуелна изложба?
– Ситуацијата со ковид-19 ја усложни работата со изложување во 2020 година, но се надевам дека оваа ќе биде подобра и дека состојбите полека ќе се враќаат во нормала. Па, ќе видам, може да се нафатам и да направам изложба. Одамна не сум изложувал слики. Што се однесува до Скопје како инспирација, тоа е градот во кој живеам, простор низ кој се движам и јас само ги забележувам интересните моменти и случувања што ми се податливи за визуелно транспонирање и претставување.
Како гледате на сѐ позачестениот виртуелен начин на презентација на уметноста кај нас и во светот, инициран од пандемијата?
– Кога се во прашање дигитални дела, виртуелниот начин на покажување и не е голем проблем. Но кога станува збор за материјални дела, слики, скулптури и слично, доживувањето на тие дела во живо е незаменливо.
Кои се, пак, вашите размислувања за присуството на стрипот на хартија и во виртуелниот простор, но и за интересот што за оваа уметност го покажуваат младите автори и купувачите на стрипови и во 21 век?
– Виртуелниот простор со сите негови можности, брзото и лесно споделување на содржините и нивната достапност, е голема предност во запознавањето на многу различни активности и настани што се случуваат во светот, па така и на стриповите. Секако, печатениот стрип или книга тешко можат да се споредат со онлајн претставување, всушност тие остануваат две различни работи. Тие што сакаат да читаат и колекционираат стрипови, на крајот ги набавуваат во печатено издание и ги ставаат во своите библиотеки. Но денес имаат можност и да ги нарачаат онлајн од различните сајтови што се занимаваат со продажба и дистрибуција на книги и стрипови. Инаку, стрипот во светот е етаблирана култура. Кај нас последниве десетина години постои поголем интерес за таа уметност и полека но сигурно се јавуваат и наши авторски изданија, а со тоа се проширува и публиката заинтересирана за овој медиум.