Од печат излезе најновата книга од реномираниот бугарски писател Георги Господинов, збирката раскази „Сите наши тела“. Преводот од бугарски јазик е на Душко Крстевски. Книгата е во издание на „Или-или“.
– Овие раскази може слободно да се именуваат како микрораскази. Кратки, секавични, слични на едноминутните новели на Иштван Еркењ и приказните на Хармс. Господинов успева да вметне максимум информација во минимум јазичен простор. Ниту еден од овие стотина раскази не е здодевен, изнасилен, банален или „залудно испукан куршум“. Варираат според темите што ги покриваат. Присутни се и мноштво моменти на таканаречената ониричка фантастика (фантастика на сонот), темата на животот и смртта споени во новата поетска фантастика, па до сликите од детството, кои истовремено и иницираат носталгија и нè оставаат замислени за тоа каде се изгуби невиноста на животот. – вели за расказите Душко Крстевски.
Георги Господинов (1968) е поет, романсиер и сценарист. Тој е најпреведуваниот бугарски современ писател, чии книги досега се преведени на повеќе од дваесет јазици. На македонски се објавени книгите: „Природен роман“, „И други приказни“, како и збирката песни „Балади и распади“, сите во превод на Никола Маџиров, неговиот најуспешен роман „Физика на тагата“ и збирката раскази „И сѐ стана месечина“, во превод на Душко Крстевски.