Затворено 60-то јубилејно „Охридско лето“
Со театарската претстава „Бог на масакрот“ во изведба на НУ „Турски театар“ Скопје, на сцената „Долни Сарај“ беше спуштена завесата на 60-то јубилејно издание на фестивалот „Охридско лето“. Директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, истакна дека ова јубилејно „Охридско лето“ поради ситуацијата со коронавирусот се одржа во термин различен од традиционалниот, пред строго ограничен број гледачи, кои во текот на изминатите 27 фестивалски денови можеа да уживаат во 26 музички концерти и во шест театарски претстави приспособени според протоколите за здравствена заштита.
-Уметноста, естетското доживување на врвните концерти и театарски претстави на автентичните локалитети, Античкиот театар, црквата „Св.Софија“, предворјето на „Св. Софија“, „Долни Сарај“, кои ги понудивме на 60-то фестивалско издание се сведоштво дека силата на музиката и на театарот се храна за човечкиот дух и во кризни времиња како ова – време на короната. Бевме пример дека може да се реализира врвна манифестација и покрај сите протоколи што ги предвиде Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство. Покажавме дека културата е таа што може да го промени светот, да го преобрази, да ја победи и болеста, и за миг да внесе убавина во нашето секојдневие. Музиката и театарот нѐ обединија сите, станавме посилни и барем за миг ги оттргнавме мислите од статистичките бројки на оваа страшна пандемија – рече Поповиќ.
Директорката Поповиќ упати огромна благодарност до сите изведувачи, кои, како што кажа, имаа храброст да дојдат за време на најголемата здравствена криза предизвикана од ковид-19 и да настапат пред фестивалската публика.
Годинашното јубилејно издание, според Поповиќ, немаше да биде беспрекорно организирано без тимот на фестивалот, кој професионално, посветено и неуморно работеше на реализацијата на фестивалските вечери, без селекторите на музичката и на драмската програма, Даница Стојанова и Александар Поповски, како и без Управниот одбор на фестивалот. Од „Охридско лето“ беше врачена плакета и до екипата на документарецот „Медена земја“ за промоција на македонската култура. Затворајќи го годинашното „Охридско лето“ и „Турскиот театар“ од Скопје одбележа седум децении од постоењето.
– Последната претставата ја одигравме на 28 февруари годинава и оттогаш сцената во нашата национална установа се затвори. Но ние направивме напор, и од сѐ што досега има сработено „Турскиот театар“, од сите претстави, пробавме да направиме видеозаписи. Се надеваме дека од септември ќе се најде протокол, ако ништо повеќе, барем да ги подготвиме проектите што ни ги одобри Министерството за култура, а тоа се четири претстави, сите наменети за јубилејот – изјави директорката на „Турскиот театар“ – Скопје, Несрин Таир.
Претставата со која беше спуштена завесата на „Охридско лето“ ја режираше Билге Емин, на текст од Јасмина Реза. Актерите Сузан Акбелге, Филиз Ахмет, Џенап Самет и Селпин Керим на сцената покажаа дека насилството постои во луѓето, дивјаштво што демне во секој од нас.