„Лувр“ е еден од најпознатите музеи во светот и неговата репутација како значаен културен центар е сосема заслужена. Оваа богата палата е дом на некои од најголемите историски уметнички дела, од „Мона Лиза“ на Да Винчи, до антички скулптури како „Венера/Афродита“ и „Ника од Самотраки“. Големо внимание им се посветува на неверојатните уметнички дела, но овој прекрасен музеј е познат и по импресивната зграда во која е сместен.
„Лувр“ е позлатен споменик на славното минато на француската монархија и формира препознатлив дел од парискиот пејзаж. Сепак, според сајтот „Мај модерн мет“, оваа палата го започнала својот живот во многу построг стил. Почетоците датираат уште во 12 век, кога францускиот крал Филип Август ја одбрал локацијата како совршено место за неговата нова тврдина. Филип бил загрижен за безбедноста на самиот Париз затоа што бил вовлечен во серија војни со анжујските кралеви од Англија, кои, пак, владееле со територии што покривале повеќе од половина од денешна Франција.
Заканата за напад врз Париз била сериозна и Филип бил свесен за потребата да се зајакне одбраната на градот. Градот бил опколен од утврден ѕид што можел да спречи дури и огромна армија. Но овие ѕидови имале една голема слабост: реката Сена течела низ центарот на градот, правејќи процеп низ ѕидовите, создавајќи ранлива точка во париската одбрана. Филип требало да изгради тврдина за да спречи која било армија да влезе во градот онаму каде што се среќавале ѕидовите и водата. Замокот на Филип, на западната страна од градот, бил огромна дефанзивна тврдина. Оваа голема, импозантна квадратна зграда била опкружена со ров и имала низа високи кружни кули поставени на 25 метри, што значело дека секоја оклопна армија секогаш би била во дофат на стрела.
Во 13 век, кралот Луј Деветти, познат како Сент Луис, почнал да го проширува строгиот замок на својот дедо. Како што се проширил градот надвор од средновековните ѕидови, замокот го изгубил своето стратегиско значење, а опасноста од опсада се намалила. Луј почнал да го прави замокот погоден за кралска резиденција, додавајќи салони и соби за прием што немале вистинска одбранбена цел.
Во доцниот средновековен период, замокот во голема мера бил заборавен од француските кралеви, и се користел само како место за повлекување во време на нестабилност. Сепак, во 1528 г., Франсоа Први решил да го направи „Лувр“ свој главен дом. Според „Мај модерн мет“, тој го „соголил“ оригиналниот замок и врз него изградил раскошна, ренесансна палата со прекрасни градини. Ова големо ремоделирање го продолжува неговиот син Хенри Втори, а „Лувр“ станува познат како центар на француската престолнина на Хенри и неговата озлогласена сопруга, Кетрин де Медичи. Во текот на следниот век, последователни француски кралеви ќе направат свои лични промени на палатата со што овој кралски дом постепено ќе станува сѐ поекстравагантен. Луј Четиринаесетти, исто така познат како Кралот Сонце, додал неверојатна позлатена соба позната како Галерија на Аполо. „Лувр“ станува неверојатен споменик на апсолутната, одлична моќ на францускиот монарх.
Откако Кралот Сонце ја преместува својата престолнина во Версај, „Лувр“ се развива во магацин за неговата лична колекција на уметност. Палатата постепено ќе се трансформира во дом за чудесното уметничко богатство собрано од француската монархија, а претходно, на избраните членови на елитата ќе им биде дозволен пристап за да им се восхитуваат на прекрасните колекции скриени во рамките на нејзините ѕидови. Сепак, избувнувањето на Француската револуција во 1793 година е катализатор за отворање на вратите на „Лувр“ до јавноста. Просветителските мислители се залагале за отворен изложбен простор, за да ѝ овозможат на јавноста пристап до оваа неверојатна колекција на национално богатство. Грабежот за време на Наполеонските војни и француската империјална експанзија во 19 век го наполниле „Лувр“ со богатства собрани од целиот свет.
Денес, оваа раскошна палата е најпосетениот уметнички музеј во светот и содржи речиси 35.000 артефакти и уметнички дела. Сепак, сѐ уште се наоѓа во процес на трансформација. Во 1989 година, кинескиот уметник Иео Минг Пеи дизајнира три стаклени и метални пирамиди за централниот двор на палатата, како дел од пошироката реконструкција, со намера музејот да стане подостапен. Овие импозантни пирамиди сега се препознатлив и незаборавен дел од градскиот пејзаж во Париз, како и потсетување дека „Лувр“, како и самиот Град на Светлината, продолжува да се развива.