Ако проговориш на македонски
Ако некогаш проговориш
на македонски
Тогаш и само тогаш
ќе сфатиш дека
Говорот е постоење
Речта блажено поење
Ќе говориш и ќе знаеш –
Нема рана што не исцелува
И болка без лице на Бога
Ќе говориш за да кажеш:
Отвори уста роду
Вивни глас породе
Заплени време огнена кочијо
Склопи се копје на очајот
Се слуша говорот македонски
И ѕвездите шепотат
И камењето збираат душа
Сѐ се слуша, сѐ се слуша
Растат гори од зборови
О, отвори уста роду
О, вивни глас породе
Нека се котат мисли вечни
Од плитки води се раѓаат езера
Сѐ се извишува, сѐ се извишува
Се слуша говорот македонски
Низ љубовни истрели
Животот се вдишува
Навистина ако некогаш
Проговориш на македонски
Тогаш и само тогаш
ќе сфатиш
И молкот на
македонски грми
Секоја реч од вчера
е реч од утре
Трајче Кацаров