Самостојна изложба на театарски фотографии на Виктор Соколовски е отворена во Кинотеката на Македонија. Ликовите во најновата серија театарски фотографии се предадени во гро-план, пластично, како и фигурите распоредени во мирни или цикцак линии, секогаш со внимателно и вешто кадрирање на мотивот.
– Во одделни фотографии доаѓа до израз барокноста на композицијата, благодарение на ефектите на светлината и темните делови, особено на експресивните движења на фигурите. Во неговите творби, во кои се издвојуваат остварувањата на познатиот актер Никола Ристановски, кој се појавува во повеќе претстави („Дервишот и смртта“, „Глембаеви“ и „Мајсторот и Маргарита“), покрај валерските и пластични вредности, присутна е и употребата на крупно зрно и ефектите на патина. Впечатливи се оние остварувања во кои долгата експозиција овозможува претстава на движење. Во тој контекст се вбројуваат неколку убави примери на суптилна, фигуративна арабеска издвоена на имагинарна заднина со нежно растопување на контурата, која се поврзува со заднината. Соколовски изработил и неколку сложени композиции со повеќе фигури.
Една од нив е сцена од претставата „Мајсторот и Маргарита“ доловена во момент на разновидни експресивни движења и драматични ефекти на светлите и темните делови, што во целина има призвук на слика од Гоја (со мотив од лудница). Од друга страна, претставата „Ајнштајновите соништа“ се карактеризира со линеарен мотив на просторот во кој се чувствува извесна смиреност, во еден момент комбинирана со немир. Треба да се издвои впечатливата серија фотографии од претставите „Фауст“ и „Калигула“, која се карактеризира со визуелна густина и симболизам на мотивите, верно донесувајќи го авангардниот режисерски сензибилитет на Томаж Пандур – вели Владимир Величковски во текстот за изложбата.
Виктор Соколовски е магистер по геодезија и џез-зависник. Фотографира од љубов. Од 2007 година е ангажиран како фотограф дописник за порталот за култура „Сикалт“ со седиште во Белград. Првата самостојна изложба ја има во Скопје, 2007 година во винотеката „Темов“, каде што изложува 200 фотографии, претежно портрети од музичари и гости направени за време на „живите свирки“ во винотеката. Потоа следуваат две самостојни изложби во Франција (Каен и Ифс) со колекција фотографии од Старата скопска чаршија. Со шестата самостојна изложба во Кинотеката, се претставува со фотографии направени на разни театарски сцени во периодот по 2011 година. Овде повторно се навраќа на неодоливиот феномен на театарот, не како театарски фотограф, туку како гледач фотограф што ги владее сцената и моментот со сета слобода на спектарот, притоа, ограничен со едностраноста на видикот од седиштето, од партер или балкон.