Габриел Бјанко, француски класичен гитарист
Признаен како еден од најдобрите денешни класични гитаристи, Габриел Бјанко од Франција ги има освоено првите награди на некои од најпрестижните меѓународни натпревари, вклучувајќи ги Меѓународниот натпревар за гитара на Американската гитарска фондација (Сан Франциско, САД, 2008 г.) и меѓународниот натпревар „Хуберт Кепел“ (Кобленц, Германија, 2007 г.). Има настапувано во над четириесет земји на најпознатите фестивали за гитара и концертни сали. Настапувал како солист во Париз, Гранада, Москва, Киев, Богота, Пекинг, Токио, Сан Франциско… Изведува музика од барокот до модерната музика со нагласок на музиката од романтизмот и шпанската музика. Многу композитори му ги посветиле своите дела.
Од септември 2018 година, Габриел Бјанко е главен предавач на Одделот за гитара во Конзерваториумот во Амстердам. Поради својата страст кон камерната музика, тој го основа гитарскиот квартет „Еклизе“, кој има издадено четири албуми.
Роден во музичко семејство, Габриел Бјанко започнал да свири гитара на петгодишна возраст. Кога имал шеснаесет години, се запишал на Националниот конзерваториум за музика и танц во Париз и дипломирал гитара и камерна музика со највисоки пофалби.
Признаен како еден од најдобрите денешни класични гитаристи, кажете ни што очекувате од интернационалниот фестивал „Тремоло“ во Скопје?
– Како прво, неверојатно сум благодарен што можам да свирам цел рецитал повторно во живо, поминаа месеци и навистина се радувам што ќе бидам таму! Со нетрпение очекувам да се сретнам со моите колеги гитаристи од Македонија, првпат свирам во Скопје и тоа е можност да ја споделам мојата музика со македонската јавност. Возбуден сум и што ќе можам да ги слушнам младите музичари што ќе учествуваат на натпреварот. Секогаш е задоволство да се слушаат млади таленти. Исто така е емотивно, имам неверојатни спомени од моите искуства од првата фаза, кога како дете свирев на некои натпревари во Франција. Понекогаш одлично, понекогаш лошо, но тие искуства длабоко го сменија моето свирење, односот со јавноста, со музиката, а исто така научив и многу за моето јас, за сценскиот страв, колку е емотивно за дете како мене да свири пред искусни музичари.
Дали ви помогна тоа што сте роден во семејство на музичари?
– Двајцата мои родители се музичари. Мајка ми свири виолина, а татко ми е гитарист. Поради тоа што и татко ми беше мојот херој што свиреше гитара дома, и јас посакав да свирам гитара уште на многу мала возраст. Родителите ми беа пример и за мене беше природно кога вежбам да бидам организиран, дисциплиниран и прецизен. На деветгодишна возраст влегов во одлично училиште во Париз за млади музичари, па одев на училиште само наутро, а вежбав гитара попладне. Кога влегов во тоа училиште, татко ми ми рече: „Сега си на најдоброто место, имаш добар учител, ова е твојата приказна со музиката. Можеш да успееш или не, но тоа е твојот живот“. Јас, всушност, многу сум им благодарен на моите родители што никогаш не ми вршеа притисок кога бев многу мал. На 14 години решив да бидам музичар. Ја донесов таа одлука сам, а моите родители го прифатија фактот дека ќе учам музика, а не нешто посигурно. Од голема помош е да се има музичко семејство, но сепак, само вежбањето и талентот одлучуваат.
Сте биле дел од многу важни меѓународни фестивали за класична гитара, какви се вашите искуства од овие фестивали и натпревари?
– За мене тоа отсекогаш било задоволство. Најважно ми е да бидам уметнички слободен, да одлучувам што ќе свирам на своите рецитали. Поголемиот дел од фестивалите за гитара ми ја давале таа слобода, така што сум можел да свирам не само познати композиции туку и некои реткости, некој скриени накит од мојот репертоар. Исто така, ја сметам заедницата на класичната гитара како едно големо семејство. Сите сме браќа и сестри. Ја делиме истата страст за инструментот и за музиката. Многу е важно што на овие настани има различни генерации. Од почетокот на мојата кариера станав пријател со луѓе од целиот свет, од мали деца до многу искусни музичари. Сите концерти што ги слушнав ги потхрануваа мојата љубопитност и размислувањата за музиката што ја создавам. Исто така, многу сакам да ги откривам квалитетите на младите гитаристи од целиот свет. Ја имам таа привилегија.
Имате освоени први награди на некои од најпрестижните меѓународни натпревари, вклучувајќи ги Меѓународниот натпревар за гитара во Фондацијата за гитара на Америка и меѓународниот натпревар за гитара во Кобленц „Хуберт Капел“. Како се случи тоа?
– Од 14-годишна возраст, мојот сон беше да станам концертен уметник. Тоа беше моја желба и направив сѐ што можам за да го направам тоа возможно. Започнувањето кариера не е лесно. Започнувате практично од ништо. Треба да ја претставите вашата музика пред публиката и професионалците. Натпреварите беа наједноставниот начин да се направи тоа, но исто така и најтежок, затоа што се натпреварувате со најдобрите изведувачи од вашата генерација. Исто така, резултатите можат многу да зависат од жирито. Затоа, откако почнав да се натпреварувам, се обидов да свирам како што би свирел на концерт и да го свирам репертоарот што го сакам. Никогаш не сум се обидувал да се „вклопам“ во она што жирито го очекувало, туку сум свирел музика на која ѝ се восхитувам. Секогаш мислев дека на крајот јавноста е таа што одлучува дали си добар уметник на концерт, а не жиријата. На пример, во Кобленц, сакав да свирам цела соната за виолина во финалето. Многу луѓе околу мене ми рекоа дека сум луд што ќе го свирам Бах во поголем дел од мојата програма на натпревар како што е тој во Германија. Но за мене тоа воопшто не беше важно, тоа беше композицијата што сакав да ја свирам и ја свирев.
Сте настапувале во над четириесет земји и на најпознатите фестивали и концертни сали. Но можете ли да се сетите, кога најмногу сте се забавувале на сцена?
– Има, секако, многу анегдоти. Првата што ја паметам се случи на еден концерт во САД. Морав да свирам четири концерти по ред, за четири дена, во различни градови што беа навистина оддалечени еден од друг. Значи, по одржани три концерти, 38 часа патување со авион и три забави по завршување на концертите, бев целосно исцрпен да го свирам четвртиот концерт. Го изгубив и багажот во авионот, па морав да чекам на аеродромот уште три часа. Така, не ми остана време за спиење и пристигнав пет минути пред почетокот на концертот, во сала со 400 места. Во првиот дел од концертот имав неверојатно искуство. Мојот ум спиеше, а рацете самите свиреа. Ме будеа само аплаузите помеѓу секоја композиција. Тоа беше всушност одлично чувство. По концертот, дојде организаторот и рече дека мојот прв дел бил неверојатен, тој почувствувал дека сум целосно внесен во својата музика, игнорирајќи го остатокот од светот. Што беше вистина, со исклучок на фактот дека тоа се случи поради тоа што бев во своевидно медитативно расположение! Сум свирел и на некои луди места каде што класичната музика не е многу развиена, како во Бутан и во Тимор Лесте. И навистина тоа беше посебно искуство, да ги запознаеш со својата култура луѓето што никогаш претходно немале можност да слушаат класична музика. Секој концерт е различен и уникатен.
Како соло-изведувач, свирите репертоар од барок до современа. Каде се гледате себеси во тој имагинарен континуитет помеѓу традицијата и иновациите?
– Тоа е тешко прашање. Кога свирам оригинална музика за гитара, или премиера на современо дело, се чувствувам како јас да сум рацете помеѓу композиторот и јавноста. Но секогаш се обидувам да внесам дел од себе во секоја интерпретација. Понекогаш ми е тешко да се држам до она што ми е дадено за свирење како основа, секогаш сакам да ги развивам боите, рубатото, движењето на прстите. Тоа е нешто помеѓу тоа да се биде уметник и занаетчија. Друга работа што многу сакам да ја правам се аранжманите. Би рекол дека кога аранжирам едно дело се чувствувам како да го пресоздавам. Неодамна работев на целосен аранжман за мецо, чело и гитара, многу ја користев фантазијата, бидејќи претходно никој не го свирел тоа. Ги комбинирам своите вештини при аранжирањето, своето познавање на репертоарот за гитара и искуството како изведувач, тоа го научив на школата во Париз. Тоа го прави секој аранжман индивидуален и уникатен.
Исто така, работите и како педагог, која е најважната лекција што сакате да ја научат вашите студенти?
– Секој студент е различен, има своја личност. Како прво, важно е да дознаам каде се тие како гитаристи и уметници. Кое е нивното музичко ниво? Кое е нивното ниво на свирење гитара? Колкаво е нивното музичко знаење? Или знаењето за уметноста? Како учител, секогаш многу се грижам за начинот на нивното свирење, бидејќи без добра техника и способност, не можете да создадете квалитет во вашата уметност. Значи, првото нешто што треба да го научат е да бидат понизни кон она што не го знаат, кон своите гитаристички способности. Колку повеќе учам толку повеќе чувствувам дека не знам ништо… Ги учам да се запрашаат, што можам да постигнам со мојата гитара? Мислам дека е важно да се гледаат себеси како мал дел од целата таа музичка историја и уметност, а потоа да разберат дека само со напорна работа може да станат уметници. Но основното што се обидувам да го разберат, е дека сѐ е во посветеноста. Ако не можете да живеете така што ќе поминувате часови и часови, цели денови, (не само во вежбање гитара туку и во слушање музика, читање книги итн.), тогаш би требало да се занимавате со нешто друго.
Кои се вашите тековни и претстојни проекти?
– Периодов е многу чуден. Секако, имам свои солистички концерти. Побарав од некои француски композитори да напишат музика за мене. Тоа е нешто што сакам да го направам повеќе во иднина. Имав среќа да запознаам некои композитори уште кога бев на конзерваториумот и сега е време да изградам сопствен репертоар со делата на овие париски композитори. Постојат многу различни естетики во современата музика. Мене лично многу ме допира тоналната музика, така што музиката напишана за мене е секогаш тонална. Член сум и на квартет за гитара, објавивме албум среде ковид-кризата, но страшно е тоа што не можевме да ја претставиме новата програма на концерти пред публиката. Цедето е снимено под етикетата на „Ад Витам рекордс“ и содржи музика под влијание на Шпанија, од Бокерини, Де Фала, Дебиси, Тороба, Момпу и Албениц. Со мојот квартет премиерно ќе претставиме дело напишано од Матие Стефанели, композитор што многу ми се допаѓа, освен неговата музика и поради тоа што имаме многу убави спомени од времето кога бевме студенти. Премиерата ќе се одржи во Париз на 14 јуни. Многу свирам и како придружба на неверојатната мецосопранистка Марина Виоти, вистинска уметница, оперска пејачка, која може да пее во сите стилови. Со неа имавме многу концерти на значајни места, како што е операта во Лозана. Додека го пишувам ова интервју, се наоѓам во воз во Швајцарија каде што ќе го имам својот прв концерт во живо по долго време!