Жирито на театарскиот „Фестивал на фестивалите“ ѝ додели диплома на актерката Срна Дуковска, за актерска минијатура за нејзината изведба на улогата на Амина во претставата „Немам каде да се вратам“ на групата „Кунстверкштат“ на Младинскиот образовен форум. Фестивалот се одржа од 20 до 26 јули во Требиње, Босна и Херцеговина, а во неговите рамки беа изведени седум претстави на аматерски театри од Македонија, БиХ, Црна Гора, Србија и Хрватска. Жирито на фестивалот го сочинуваа режисерите Мирослав Бенка и Димитрије Јовановиќ, како и драматургот Жељко Хубач.
Претставата „Немам каде да се вратам“ раскажува за талкањето на сириските бегалци.
Квалитетната изведба и одличниот перформанс на актерите, како и естетиката и самата тематика, која има цел да разбуди чувство на општествена одговорност, извлече голем број позитивни критики од театарските критичари на „Фестивалот на фестивалите“. Текстот е на Милош Андоновски, а режијата на Дени Стојанов. Улогите ги толкуваат: Ангел Таневски, Влатко Јовановски, Георги Божиновски, Ивана Стамевска, Ивона Кузмановска, Марина Таневска, Петар Мукоски, Срна Дуковска, Тамара Глушкина, Филип Христовски и Христина Мирчевска.