Иако не успеа да продаде ниту еднo од своите дела за повеќе од 100 американски долари до пред шест месеци, графичкиот дизајнер Мајк Винкелман, попознат како Бипл, од Јужна Каролина, на аукција ја продаде верзијата НФТ (Ен-еф-ти – незаменлив токен) на својот колаж за неверојатни 69 милиони долари. Колажот наречен „Секојдневие: првите 5.000 дена“ се состои од сите негови дела во последните 13 години.
Со оваа продажба, Бипл е рангиран меѓу трите најскапо продадени живи уметници на денешницата. Неговиот подем почна во октомври минатата година, кога Винкелман ја продаде својата прва серија „Ен-еф-ти“ за 66.666,66 долари, за да продаде нова серија во декември за 3,5 милиони долари. Минатиот месец трендот продолжи, па затоа едно од неговите дела, наречено „Кросроуд“, платено 66 666,66 долари, сега е препродадено за 6,6 милиони долари.
Она што навистина ја поттикна продажбата на делата на овој уметник е „Ен-еф-ти“. Тоа е знак што, благодарение на т.н. блокчејн-технологија, овозможува купување и продажба на сопственост на дигитални артикли. Една од предностите на НФТ е тоа што му овозможува на уметникот дигитално да го потпише своето дело и тој потпис да остане трајно запишан во синџирот. НФТ како таква дозволува содржина да не е само слика туку може да биде и гиф, видео, опрема за видеоигри и слично.
Важно е дека НФТ овозможува следење на сопственоста на дигиталниот имот, без разлика дали станува збор за уникатни предмети или копии, како што се картички за размена.
Една од причините за огромната популарност на Винкелман е тоа што тој објавува по едно од своите дела секој ден, како и дека има растечка армија од над 2,5 милиони следбеници на социјалните мрежи.
Комбинирањето на сите овие дела од последните 13 години во едно, секако, е причина за популарноста, која не може да остане незабележана. Ова е особено интересно бидејќи колажот содржи и рани скици и дела на Винкелман, кои со текот на годините еволуирале во уметноста по која тој денес е препознаен. Додајте и НФТ како токен од следната генерација што овозможува неизбришливи дигитални потписи и постојан доказ за сопственост, во време кога криптовалутите стануваат сè попопуларни, и јасно е зошто се ценети овие дигитални уметници.