Антиупатства за лична употреба
Неодамна ја промовирав со задоволство збирката избрани колумни на Весна Дамчевска со наслов што ја парафразира ироничната, но точна британска фраза за отпорноста на уметноста во „интересните времиња“, односно во оние на кризи, несигурности и општествени земјотреси. Писателот, ликовниот уметник, режисерот, композиторот во вителот на политичките и социјални премрежиња можат да го иницираат својот творечки потенцијал за градење, наспроти општото неспокојство и страв, значајни уметнички дела што подоцна, како Бетовеновата „Хероика“, „ Мајсторот и Маргарита“ на Булгаков, „Герника“ на Пикасо, Чаплиновиот „Голем диктатор“ и уште многу други, ќе бидат вреднувани како вистински чуда.
Кризните времиња предизвикуваат и наплив на поексплозивни текстуални објави – памфлети, манифести, полемики и… колумни.
Колумната во денешните „интересни“ времиња се избори да стане автентичен книжевен жанр, не само во формална смисла туку и жанр во кој авторски се вложува + се потврдува личноста на писателот. Докажани прозни автори како Светислав Басара, Миљенко Јерговиќ, Венко Андоновски… со години пишуваат колумни и одамна нѐ навикнаа да ги очекуваме нивните препознатливи и читани текстови.
И Весна Дамчевска е еден од оние колумнисти чии читатели не се делат „за“ и „против“ според партиската, половата или возрасната определеност, и чии љубопитни, паметни колумни се доближуваат до куси есеи.
Во еден поранешен оглед за три типа писатели според нивниот однос кон власта, на Хронистерикот му ја определив колумната како жанр својствен за неговата нагла, нервозна природа, притоа, стеснувајќи ја колумната исклучиво како напаѓачки, агресивен и неретко безобзирен облик на пресметка со политичките противници. Сега мора да се дообјаснам (исправам). Тогаш мислев на одредена категорија колумни, онаа што влетува во директна политичка борба. Тука Хронистерикот има предност – неговата директност, определеност, предизвикувачка циничност и склоност и талент за хиперболичност „легнуваат“ на вистинска почва. Хронистерикот е создаден за колумнист полемичар без пардон!
Но кога станува збор за поинаков тип колумни, и Трибунот и Кловнот впечатливо ги пишуваат, но со своја тактика, цел (и стил).
Трибунот е бранител на етички начела што ги промовира благодарение и на своето широко знаење. Тој ја гради (често веќе ја изградил) својата моќна позиција на влијателен член во општествениот живот, затоа ставот во неговите колумни е поткрепен со доминантен тон во обраќањето – кога пишува, тој, на некој начин, и ги подучува своите читатели и тие, на некој начин, се свесни за неговата надмоќ. Пишував колку е тешко да се стигне до позицијата „Трибун“ (особено во современиот книжевен живот), и колку е таа потребна, некогаш и неопходна, во градбата и опстојбата на националниот културен, но и државен идентитет.
Кловнот го нема високиот социјален (и книжевен) рејтинг на Трибунот, ниту непосредната храброст на Хронистерикот. Но неговата вештина во пишувањето изгледа спонтано, тој знае дека несовршеностите на другите се и сопствени, дека светот е заплеткан во една замрсена, често мрачна игра и дека, ако веќе решил да биде и колумнист, ќе го брани повредливото, своеглаво дете во секој од нас.