Венеција, покрај милионските туристи, живееше и од биеналињата како еден пософистициран модел на туристичка форма. Од 2020 година во градот се само резидентите, а за нив градските татковци одлучиле дека не им треба култура, но, еве, полека се менува ситуацијата заради карневалот, па некои музеи почнаа полека да отвораат, некои само два дена во неделата, некои само заради карневалот, вели Делева
Љупка Делева, уметница
Македонската уметница Љупка Делева, која живее во Венеција, вели дека нејзината самостојна изложба, која лани не се одржа во Националната галерија на Македонија, нема да биде одржана ниту годинава поради неможноста за физичко присуство при подготовка и реализација. Пред две години таа беше иницијаторка на добротворна изложба за помош на настраданите од поплавите при високата плима во овој град. Беа собрани четириесетина уметнички дела од Македонија, дела на сликари, фотографи и дигитални уметници од Норвешка и од Италија, а свои дела ѝ испратија и Македонци од Австралија, Англија и од Хрватска. И овие дела чекаат да се создадат услови за изложување пред јавноста.
Љупка Делева е родена во Гевгелија во 1970 година. Завршила Средно уметничко училиште и Факултет за ликовни уметности во Скопје, во класата на проф. Душан Перчинков, отсек сликарство. Таа досега изложувала во земјата и во странство, има остварено повеќе самостојни и групни изложби. Од 1994 до 2001 работела како конзерваторка во Градскиот завод за заштита на спомениците на културата на Град Скопје. Во Венеција специјализира конзервација на ѕидно сликарство, каде што живее и работи од 2001 година.
Во минатата 2020 година многу од планираните настани во животот на луѓето поради пандемијата останаа нереализирани. Еден од нив е и вашата самостојна изложба, која не се одржа во Националната галерија на Македонија. Што имавте подготвено, кога би можеле да ја видиме во Скопје и дали таа можеби ќе доживее одредени промени?
– Да, за жал, 2020 година пролета како воопшто и да не се случила. Најавената изложба во Македонија нема да биде одржана ниту оваа година поради неможноста за физичко присуство при подготовка и реализација. Авионските летови од Италија кон Македонија се укинати и не се знае кога повторно ќе може да се спои таа прекината нишка со нашата татковина, со нашите корени, блиски луѓе и места. Работната идеја на изложбата беше за националното чувство на уметникот во туѓа средина, но во ова време на санитарна криза, тоа чувство е престигнато или поточно преклопено со чувството за неизвесната иднина на глобално ниво. Многу нешта се изменија и во самото поимање на уметноста и нејзиното претставување, виртуелниот простор ги истисна во целост изложбите со присутност, барем тоа е случај во Италија, така што оваа промена дијаметрално и неизбежно го менува и нашиот интимен дискурс. Сведоци сме на сѐ помасовното излегување на делата од институционални локации, веќе и улицата не е алтернативен простор, нашите креативни изблици или реакции пловат на некој облак, сведени на ред од единици и нули. Постоењето на нови медиуми за изразни средства даваат можност за истражување во тој дигитален простор, но им одземаат на тродимензионалните дела, чие искуствено перципирање е наменето за поблизок контакт.
Колку ситуацијата со коронавирусот влијае на вашиот секојдневен живот како уметница што живее во Венеција, што ви недостигаше лани и што ви недостига сега од културното живеење на овој град каде што веќе се отворени музеите и галериите?
– Во Венеција ми недостигаат онаа живост и ведрина што се перципираат по сокаците што овде се нарекуваат кали. Единствениот град во светот без автомобили и улици е направен по мера на човекот, калите се главните артерии и кога тие се празни, градот натежнува од импозантната, во секој случај прекрасна, но само, архитектура. Венеција, покрај милионските туристи, живееше и од биеналињата како еден пософистициран модел на туристичка форма. Од 2020 година во градот се само резидентите, а за нив градските татковци одлучиле дека не им треба култура, но, еве, полека се менува ситуацијата заради карневалот, па некои музеи почнаа полека да отвараат, некои само два дена во неделата, некои само заради карневалот. Сега кога сме во таканаречена жолта зона на регионот Венето, значи дека коефициентот на зараза е стабилизиран, да се надеваме дека овој тренд ќе продолжи и кривата линија ќе паѓа подрастично.
Учествувавте ли на онлајн изложби или во друг вид културно-уметнички активности, кои поради пандемијата сѐ уште се актуелни во светот?
– Учествував во проектот на Националната галерија и на историчарката на уметноста Ана Франговска со кратко видео насловено „Уметнички дневници“, искази во врска со пандемијата (мај-јуни 2020). Не ми влијае стимулативно оваа криза, па паузирам од дејствување, сега само акумулирам.
Во 2019 година инициравте добротворна изложба за помош на настраданите од поплавите при високата плима во Венеција на која беа собрани уметнички дела од Македонија, Норвешка, Италија и од други земји. Што се случи со неа во меѓувреме?
– Делата се на сигурно, кај мене во Италија. Кога ќе се создаде клима за ревијално претставување на македонските уметници што даруваа свое дело, изложбата ќе се одржи, можеби не со истата намена со која се роди, но како можност за еден културен мост. Со оглед на тоа што многу оптимистички тргнав со оваа организација, без никаква финансиска поддршка, ниту за опремување на делата, ниту за изнајмување простор, не можев брзо да дејствувам, па кризата од поплавата ја стигна оваа санитарната.
Како го доживеавте годинава Венецијанскиот карневал, какви беа реакциите во јавноста?
– Карневалот во оваа 2021 година помина под мотото „Традиционален, виртуелен и дигитален“. Сите активности се снимени и се прикажуваа на локалниот ТВ-канал или онлајн. Градот во тие денови беше празен, понекој минувач, понекоја маска. Реакциите на оние луѓе што живеат од туризам се големи, зашто без посетители во живо сѐ губи смисла. А и ние што не живееме од туризам, не го препознаваме градот. Ако се потсетиме на блиската историја, во 1980-тите години беше возобновено маскирањето, но за локалните жители што парадираа и се веселеа по венецијанските сокаци. Потоа тоа стана помасовно за речиси во целост да прерасне во туристичка атракција.
Кризата со ковид-19 носи и нешто позитивно, а тоа е преиспитување на она што е вредно за секој од нас, осознавањето на суштината. Можеби тоа ќе ги поттикне венецијанците да си го преземат карневалот за своја манифестација (неделата пред започнувањето на големите велигденски пости) и да се престорат во маска (персона) што ќе ја отелотвори онаа ролја што ќе ги ослободи.