Долготрајното другарство со Влада Бајац се зачна на почетокот на студиите и оттогаш расте и се збогатува, минувајќи со несмален интензитет и без напор децении и децении.
Во животот ми се случуваат интересни средби и личности, во различни временски периоди и во различни амбиенти, со некои, како со Влада Бајац, тие доживувања продолжуваат, се множат, за понатаму да ги прераскажувам.
Се сретнавме во 1973-та, во една од затскриените собички на приземјето во раскошното здание на Филолошкиот факултет во Белград, каде што се собираше редакцијата на новосоздаденото студентско списание „Знак“. Група млади ентузијасти, амбициозни, неспокојни книжевни кандидати, со големи планови и вриечка енергија. Главен уредник беше Бранко Алексиќ, висок, со очила и нервозни гестикулации, вљубеник во надреализмот, страстен почитувач и пријател на Марко Ристиќ. Беше постар од нас, бруцошите, доста брз и гласен во говорот, што во првиот контакт можеше да изгледа застрашувачки, особено за оние што, според неговото мислење, имаа застарени ставови. За среќа, не бев меѓу нив, а фактот дека тогаш „фурав“ рокенрол беше голем плус за мене да го заинтригирам нашето внимание. Со Бранко продолжив да соработувам и неколку години подоцна. Кога ги уредуваше авангардните „Видици“, а јас го отслужував воениот рок на Авала, ме повика да му помогнам во подготовката на вонредниот број „Млада југословенска книжевност“. Во својот избор ги вклучив песните на Милош Линдро, Љупчо Димитровски, Ѓорги Барбаровски, Катица Ќулафкова, Вера Чејковска и расказот на Љупчо Сиљановски. Од порано го познавав само Љупчо Димитровски, од моите средношколски денови, кога заедно бевме членови на книжевниот клуб „Бигори“. Другите автори ги знаев од списанијата и од понекоја книга што ги собирав и ги донесував од Скопје.
Интересно е дека изборот за „Видици“, а и неколку свои мини-прози што после влегоа во мојата дебитантска книга „Младиот мајстор на Играта“, ги сочинив додека бев во ЈНА, во специјална единица на војната полиција, меѓу инспектори и карате-мајстори, па често, додека со долги маршеви, десанти и слични „активности“ се мачевме по пустите карпести ридови, се прашував што по ѓаволите барам јас таму, па единствена утеха ми беше што Авала е блиску до Белград. Така, едно саботно пладне, кришум се провлеков меѓу жиците околу касарната и по нецел час бев на белградската автобуска станица, од каде што, најбргу што можам, се искачив по стрмната Балканска, до редакцијата на „Видици“, каде што Бранко ме дочека со белиот, голем B-4 примерок на списанието.
Неколку години пред распаѓањето на Југославија, Бранко емигрира во Франција, во Париз, центарот на неговата опседнатост со надреализмот. Оттогаш ќе наслушнев ретко понекоја матна вест за него – дека се вработил во институтот за проучување на надреализмот, дека се оженил со Бразилка, дека и натаму е слаб и нервозен. За време на моите подолги престои во Париз, прашував за него, добивав нејасни одговори дека е тука некаде и… веќе не го сретнав.
Со Влада Бајац дружењето започна веднаш. Со вита, еластична физичка конституција, која ја задржа до ден-денес, и со воздржано љубезно однесување, зад кое се чува чувствителна и страсна природа. Лесно ги откривме нашите сродности. Обајцата имавме моќни татковци што страдаа од режимот и рано заминаа од животот. Обајцата имавме интензивен рокенрол-период во младоста (јас во музичките бендови, тој како еден од уредници на „Рок“, главното списание на новиот рок-бран). Обајцата минавме низ опасни турбуленции во нашите кариери. Подоцна, излезе дека дури и ќерките ни се родиле во истите години, па затоа, според заедничката татковска оцена, имаат слични карактери – неговата Сташа и мојата Тамара во 1985-та, Лара и Соња четири години подоцна, само со неколку дена разлика. И што е многу важно, и кај едниот и кај другиот љубовта кон литературата остана нечепната. Ги задржавме предаденоста кон читањето и пишувањето, отвореноста и флексибилноста кон разновидните предизвици и ризици во книжевниот занает.
Еднаш, уште на почетокот на нашето пријателство, се качувавме по стрмната дорчолска улица 7. Јула (денешна Краљ Петар) кон факултетот, дрдорејќи, со раце полни со фасцикли за првиот број на „Знак“, кога, задува кошава, онака како што таа умее, во силни налети, и ни ги разнесе листовите хартија на сите страни, по тротоарот и калдрмата. Се растрчавме ловејќи ги, не внимавајќи на автомобилите што упорно трубеа, додека пред нас ветерот ги вртеше листовите. Шансата да ги собереме, среде кошавата и сообраќајот, не беше голема, но сепак некако успеавме да ги извлечеме под нозете на минувачите и тркалата на автомобилите. И така, со нафрлани листови, додека кошавата дуваше, со разбушавени глави како во В-вестерни, прснавме во смеа, непокорна, гласна, младешка смеа.
И по авантурата со „Знак“, за време на моите белградски денови, средбите со Влада беа проткаени со присни разговори за сѐ и сешто, со една сродна, ведра амбиција – и натаму да се збогатуваме и осознаваме преку литературата, но и да го поттикнуваме гладот кон убавите животни предизвици. Кај него тоа откривање на разнообразните духовни предели може да се воочи со за она време особени антологии – „Поети на бит-генерацијата“ и „Зен-приказни“, со серија ТВ-портрети од њујоршкиот хотел „Челси“, со неговите хаику-минијатури отпечатени на јапонските конзерви за чај… Се сеќавам сликовито на промоцијата на „Книга за бамбусот“, романот што силно ги магнетизира читателите и читателките во преполната сала во белата пирамида на скопскиот Народен театар, а веќе следното утро, на кафе кај камената тераса на хотелот „Бристол“ (што одамна не работи), под сенката на големиот даб (забележувам дека во повеќето мои сеќавања како декор задолжително се појавува некое разлистано моќно дрво), Влада ми ги образложува аргументирано плановите и стратегијата на неговата идна издавачка куќа.
На „Геопоетика“ што денес е поим за врвен издавач во регионот.
Скоро ги читав неговите „Гастрономадски приказни“, во кои главната улога ја има храната. Како што вели самиот автор: „Радост во уживањето во малите големи нешта, пофалба на интимата, но и на патувањата, на културата, на магијата. На светот согледан во очита на љубопитниот патник. Светот на блиските и на многу далечните чуда“.
Светот на Влада Бајац.