Всушност кога го купувате „Комичарот“, тоа што го добивате не вклучува банана или самолеплива лента. Она што го купувате е всушност „сертификат за автентичност“, изненадувачки детален список со инструкции на 14 страници, со дијаграми за тоа како треба да се инсталира и да се прикаже бананата. Упатствата се лесни – често менување на бананите, на 7-10 дена, и поставување на делото на висина од 175 см над земјата
Делото „Комичарот“ на италијанскиот уметник Маурицио Кателан изминативе години привлекува внимание делумно затоа што всушност се работи за банана залепена со самолеплива лента на ѕид. Едноставноста на луцидното дело ги примами колекционерите да платат дури 150.000 американски долари за делото, на Саемот на уметност во Мајами, минатата есен – чин што зачуди многумина што не ни замислуваа дека „скулптурата“ направена од овошје залепено на ѕид би можела да постигне толкава цена. Сега естетските заслуги на делото се зајакнуваат откако музејот „Гугенхајм“ во Менхетн го прифати како дел од својата колекција во вид на анонимна донација.
– Благодарни сме за подарокот. „Комичарот“ ќе подлежи на натамошна демонстрација на вештата поврзаност на уметникот и историјата на модерната уметност – вели директорот на „Гугенхајм“, Ричард Армстронг. Всушност, кога се купува „Комичарот“, тоа што го добивате не вклучува банана или самолеплива лента. Она што го купувате е всушност „сертификат за автентичност“, изненадувачки детален список со инструкции на 14 страници, со дијаграми за тоа како треба да се инсталира и да се прикаже бананата.
Лена Стрингари, главна конзерваторка на „Гугенхајм“, вели дека упатствата се лесни за следење: често менување на бананите, на 7-10 дена, и поставување на делото на висина од 175 см над земјата.
– Од сите дела со кои требало да се соочам, ова е веројатно едно од наједноставните. Тоа е селотејп и банана – вели Стрингари.
Со оглед на очекувањето дека музеите треба да бидат во можност да ги зачуваат делата за генерации, со векови, можеби дури и засекогаш, се појавуваат мноштво незгодни прашања за ваквиот вид уметнички дела, кои се перманентни. Како го зачувувате балонот што го содржи здивот на уметникот (делото носи наслов „Здив на уметникот“)? Или што е со компјутерската уметност кога компјутерот или неговиот софтвер ќе биде застарен и не ќе може да работи повеќе? Што ќе се случи со голем број дела создадени од флуоресцентни светла кога такви светла повеќе нема да се произведуваат?
Одговорот, за познавачите, е висок концепт исто како и оваа уметност.
– Штом мислите дека уметноста е идеја, а материјалот е секундарен, тогаш не е важно дали тој материјал ќе трае долго – вели Мелиса Чиу, директорка на музејот и скулпторската градина на „Смитсонијан“ во Вашингтон.
Фокусот понекогаш е ставен само на идејата, така што, во некои случаи, материјалите не го „доживуваат“ ни завршувањето на изложбата. Како делата што вклучуваат банани или кускус, каде што уметничкиот објект се исфрла, додека пак уметничката идеја живее, за да се пресоздаде во иднина според упатствата на уметникот.
Друг познат пример на овој тип уметност, создадена од органска материја, е делото „Јаболко“ од 1966 година на Јоко Оно. Станува збор за јаболко поставено на пиедестал во плексиглас.
– Кога беше прикажано во Музејот на модерната уметност во Њујорк во 2015 година, јаболкото беше купено од продавница на 53-та улица и беше заменето неколкупати во текот на четирите месеци од изложбата – открива Кристоф Черикс, еден од кураторите што ја приреди оваа изложба.
Тој вели дека никогаш не се грижел за тоа дали луѓето ќе го украдат јаболкото.
– Штом го тргнете од неговиот пиедестал, тогаш тоа е само јаболко – вели тој.
Во „Гугенхајм“, за изложба во 2016 година, вработените во музејот готвеа кускус според специфичниот рецепт на уметникот Кадер Атиа, заедно со лепило за тапети и сол, за да се одржат заедно и да се спречи мувлосување. Персоналот, со помош на уметникот, користеше калапи од не’рѓосувачки челик за да го пресоздаде моделот на пустиот град Гардаја, кој Атиа го дизајнира како коментар на колонијализмот.
Идеите што ја поткрепуваат ефемерната уметност честопати неизбежно вклучуваат концепти како загуба, смртност, живот и смрт. Во случајот на „Комичарот“, темата се исто така самиот уметнички свет и прашањата за тоа кој одлучува што претставува уметност и огромните суми пари што се трошат на неа.
– Ми се допаднаа неговата апсурдност и влијанието врз јавноста. Ги набљудував сите посетители на „Базел“ како прават самослик и мислев дека тоа е вистински одраз на нашето време – изјави една од купувачите, Сара Анделман, француска модна консултантка.
Сè уште не се знае кога ќе биде изложено делото во „Гугенхајм“.