Рецензија

Секој што има извесен увид во уметничката литература на рускиот класик Фјодор Михајлович Достоевски без некои особени тешкотии би препознал некои упадливи сродности меѓу романот „Записи од подземјето“ (1864) и романот „Последното име на иднината“ (2018) на нашиот писател Живко Гроздановски (1986), еден од плејадата нови македонски прозаисти за кои јас го користам името писатели-ерудити. Самата можност да се препознаат тие сродности без некои особени тешкотии дава основа да се мисли дека се работи за специфична појава не само во кругот писатели од неговата генерација туку и во нашата уметничка проза воопшто. За кои и какви сродности станува збор?
Односот меѓу првиот дел („Тело“) на романот на Гроздановски и неговиот втор дел („Празнина“) е однос по контраст. Ако првиот дел на „Последното име…“ е поблизок до стилот (дедуктив) на филозофската расправа, вториот е многу поблизок до стилот (наратив) на уметничката проза. Не поинаку е и во романот „Записи од подземјето“, кој, во книга за Достоевски од 1922 А. Жид го нарече „камен-темелник“ на неговиот импозантен уметнички опус, а пак белградскиот филозоф Н. Милошевеќ, во својата монографија „Достоевски како мислител,“ го прогласи тој роман на знаменитиот руски класик за „можеби најдобриот роман кој воопшто е напишан во светската литература.“ За што зборува филозофската расправа на „Записи…,“ а за што онаа на романот „Последното име…?“
Има неколку теми според еден предговор на Цв. Тодоров кон тој роман на Достоевски, кој потоа стана посебна глава на неговата книга „Поетика на прозата“ (1973). Прва е темата разлика меѓу човек што размислува и човек што спонтано, без размислување, стапува во акција. Самиот чин да се размисли за тоа дали да се пристапи кон акција е, според анализата на Цв. Тодоров, сомнение во целисходноста и смислата на таа „акција“, а пак тоа сомнение боли затоа што оној што станал жртва на повреда или неправда, со самиот чин што пропушта да се брани од оној што му нанесол таква повреда или неправда се валоризира себеси како инфериорен.

Во нејзината интензивна форма таа ужасна болка од чувството на помала вредност се преобразува во – задоволство. На такво задоволство му се препушта јунакот од славниот роман на Достоевски. По неколку неуспешни обиди да ги „одмери силите“ со човек (Зверков) што го понижил (иако и тоа понижување практично не постои) јунакот од подземјето на Достоевски прибегнува кон еден древен психолошки механизам, кој белградскиот филозоф Н. Милошовиќ да го опишува како вештина да се направи силна страна од – слабост („врлина од невоље“). Тој механизам се сведува на тоа дека еден човек склон кон размислување е супериорен наспрема човекот од акција, кој авторот на романот „Записите…“ го споредува со затрчан бик кон црвено платно во рацете на тореадор.
Која е прва и главна тема од првиот дел на романот „Последното име…?“ Има детаљ од вториот, обемен дел („Празнина“) на романот на Гроздановски, кој функционира како некој вид резиме на првиот дел – филозофска расправа за празнината и нејзините модификации. Во таа расправа учествуваат тројца актери: главниот раскажувач, Јохан Имерман, градежен инженер по професија и неговата сопруга Ирис, сликарка и туристички водич во ботаничката бавча во Јена. Тоа допушта да се рече (и) дека јунакот од подземјето на Достоевски е „растворен“ во тројца луѓе во романот на Гроздановски. Тој детаљ гласи вака: „Оваа грижа или рана […] расекотина, во суштина, не е ништо друго туку таа, празнината [ист. од авторот], онаа прастара, древна празнина која беше и тага, и осаменост и сите оние први имиња [детство, на пример] на неговото минато. Празнината, тој одамна погребан ѕвер што некогаш болно му риеше во градите, сега како да се повампируваше…“ (стр.194).

За да стане појасно на што точно мислам кога се повикувам на тој детаљ од романот на Гроздановски, треба да кажам дека интензивната „расекотина-грижа, осаменост, празнина“ итн. почнува да ја поплавува душата на градежниот инженер Имерман од Јена откако му станува јасно дека, неговите напори да ги сврти кон „природeн тек“ настаните поврзани со изградбата на тунел близу едно херцеговско село Чемерно е – осуден на понижувачки и неподнослив пораз. И тој „природен тек,“ опозиција на изопачен (корумпиран, тема на вториот дел на романот) и пандан на „природниот човек“ (алузија на Ж. Русо кај Достоевски) е важна сродност меѓу прозата на Гроздановски и онаа на Достоевски. Ќе укажам и на еден, навидум, спореден детаљ што може да послужи како добра илустрација на таа сродност меѓу „Записи…“ и „Последното име…“. Во разговор меѓу Јохан и филозофот Сл. Мастиловиќ од село близу Чемерно, последниот се повикува на афоризам од Фр. Ниче. Тој афоризам вели дека надежта само го „зголемува страдањето.“ За Ниче „Записите…“ на Достоевски беа „глас на крвта.“ Тој глас не е далеку од идеалот „природен тек“ за Јохан Имерман, кој доживува тежок, понижувачки пораз на дивиот и суров Балкан.

Атанас Вангелов