Гудачкиот квартет „Зографски“

Музичката програма на годинешното 59-то издание на „Охридско лето“ беше заокружена завчеравечер со авторски концерт на великанот на македонската класична музика, композиторот Томислав Зографски, со што и Фестивалот се вклучи во одбележувањето на големиот јубилеј, 85 години од неговото раѓање.
На подиумот во црквата „Света Софија“, каде што во текот на изминатите 40 фестивалски вечери се одржа најголемиот дел од концертите на класична музика, настапија македонските уметници: флејтистката Билјана Камчева, кларинетистот Ристо Ѓоревски, Марјан Милошевски на фагот, пијанистите Марија Ѓошевска, Елена Атанасовска-Илиевска, Марија Вршкова и Даница Стојанова, гудачкиот квартет „Зографски“, како и баритонот Горан Начевски.

Како што посочија од „Охридско лето“, извонредната македонска пијанистка Даница Стојанова изведе една од најголемите и најизведувани композиции на Томислав Зографски, „Суита за соло-пијано“, која ја има на својот репертоар и кога настапува на концерти во странство.
– Ние, македонските уметници, завчера ги изведовме капиталните дела на Зографски, кои, секако, ги имаме изведувано и надвор од границите на нашата држава. Како што можеше да се слушне од публиката и аплаузите, имавме прекрасен концерт и пријатна атмосфера. Јас ја изведов „Суитата за соло-пијано“ од Зографски, која како дело е едно од најизведуваните негови композиции, но е доста комплексна. Се разбира, голема е одговорноста да се настапува на ваков тип концерти, каде што немате свој целовечерен момент, туку само неколку минути да покажете сѐ што умеете. Се надевам дека ние го покажавме она што го чувствуваме за музиката на Зографски и јас особено сум среќна што ми се укажа таа можност – вели пијанистката Стојанова.
Даница Стојанова денес е една од најреномираните професорки по пијано и камерна музика во средното училиште ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, каде што постигнува високи резултати со своите ученици на државната и меѓународната сцена.

 

Композиторот Томислав Зографски

– Македонското творештво е застапено на сите мои концерти. Тоа стана моја програмска традиција. Имаме прекрасно македонско класично творештво и морам да кажам дека во текот на последните десет години настапувам во Европа и во Азија и имам фантастичен приод на македонските автори. Се разбира, тоа им го пренесувам и на моите ученици, додаде Стојанова. Помеѓу публиката што завчера го проследи концертот со дела од Томислав Зографски беа и сопругата на композиторот, Панда Зографска-Беличанец, и нивните ќерки.

– Ние како семејство и фондација решивме целата оваа година да го одбележуваме јубилејот, 85 години од раѓањето на Томислав Зографски, затоа што ова е висок јубилеј, и сметавме дека со повеќе настани низ целата година ќе биде поинтересно и за публиката. Многу сум задоволна од концертот на „Охридско лето“, затоа што тој уште како многу млад беше вклучен во фестивалот – вели Зографска-Беличанец.

Сопругата на Томислав Зографски долги години е дел од публиката на „Охридско лето“, но во оваа пригода се потсети и на фестивалските изданија кога заедно со композиторот доаѓале во Охрид токму заради фестивалот.

– Томислав Зографски беше врзан за „Охридско лето“ уште од најраниот творечки период, уште од 1965 година, кога на петгодишниот јубилеј на фестивалот, заедно со маестро Ловро Маточиќ ја изведоа неговата „Фантазија Корале“. Во оваа пригода ќе откријам нешто што никогаш досега не сум го обелоденила. И локацијата што ја купивме во 1967 година во Охрид ја избравме заради присуство на „Охридско лето“. Зографски имаше намера и пијанино да донесе тука, но, за жал, не дочека. Но најважно е да се слави неговата музика. Секогаш велам дека е најважно да се изведуваат и неговото творештво и македонската музика, а времето ќе си ја оценува вредноста, меѓутоа мора да се слуша. Јас им сугерирам и на нашите уметници што одат во странство редовно да ставаат домашно дело на репертоарот. Како публиката надвор поинаку ќе чуе за нашата музика?! Во нашата музика има нешто специфично, што им е ново на странците – додаде Панда Зографска-Беличанец.
Томислав Зографски е еден од основоположниците на македонската композиторска школа и автор на повеќе од 150 дела. Тој се смета за значајна алка во создавањето на современиот македонски композиторски израз, не само поради неговиот личен опус туку и поради влијанието што го имал во создавањето нови млади композитори преку својата педагошка дејност на Факултетот за музичка уметност, каде што бил декан и продекан.

Неговите дела се изведувани во САД, Русија, Јужна Америка, Мексико, Австралија,Нов Зеланд, Шведска, Грција, Шпанија, Франција, Литванија, Грузија,Украина, Велика Британија, Италија, како и во поранешна Југославија.