Кризата ќе има силно и трајно влијание врз целиот синџир на вредности на културната и креативната индустрија и во иднина. И во 2021 година ќе се намалува способноста на културните и креативните индустрии да ги одржуваат и да ги зголемуваат инвестициите во нови проекти. Податоците од едно истражување покажале дека 46 отсто од испитаниците нема да се чувствуваат пријатно да одат на концерт со месеци, а дури 21 отсто со години
Креативните индустрии во Европа најпогодени од пандемијата
Со промет од 643 милијарди евра во 2019 година, културната и креативната индустрија отпаднаа на 4,4 отсто од БДП на Европската Унија во однос на вкупниот промет. Сепак, поради ковид-19 се случи нагло опаѓање и во 2020 година културната и креативната економија изгубија околу 31 отсто од своите приходи. Ова го покажаа резултатите од најновата студија спроведена од Компанијата за ревизија и консултантски услуги (EY) за Европската асоцијација на здруженија на автори и композитори.
Фактот дека од 2013 година, нејзиниот вкупен приход е зголемен за 93 милијарди евра, што е речиси 17 отсто, доволно зборува за важноста на културните и креативните индустрии за ЕУ. Во овој период, тие создале приближно 700.000 нови работни места во Европската Унија, вклучувајќи автори, изведувачи и други креативни работници, а на крајот на 2019 година вработиле повеќе од 7,6 милиони луѓе.
– Креативните и културните индустрии се, како што потврди студијата, важен фактор во економиите на ЕУ. Не само што се индустрии со висок извозен потенцијал туку постигнуваат и додадена вредност и ги поддржуваат сите други индустрии. Ако ги разгледаме психолошките елементи, тогаш тоа се индустрии што влијаат и на благосостојбата на луѓето – вели Ида Пандур, менаџерка во Европската асоцијација на здруженија на автори и композитори од Хрватска.
За важноста на културниот сектор сведочи и фактот дека над 90 отсто од компаниите се мали и средни претпријатија, додека 33 отсто од работната сила е самовработена. Ова е двојно повеќе од европската економија како целина, каде што 14 отсто од работната сила е самовработена. Благодарение на ваквите успеси, културните и креативните индустрии во 2019 година, според бројот на работни места, се најдоа заедно со транспортот и логистиката (10,3 милиони), туризмот (10,7 милиони) и градежништвото (12,1 милиони).
Според студијата, која опфатила 10 основни културни и креативни сектори, во 2020 година, прометот на културната и креативната индустрија во ЕУ се намалил на 444 милијарди евра, што е нето-пад од 199 милијарди евра или 31 отсто во споредба со 2019 година. Следствено на тоа, културната и креативната економија се едни од најтешко погодените во Европа. Тие биле само нешто подобри од воздушниот транспорт, но затоа биле позасегнати од туризмот, со загуба од 27 отсто, и од автомобилската индустрија со загуба од 25 отсто.
– За жал, во очите на инвеститорите, културната индустрија честопати се третира како несуштинска и во голема мера се потпира на физичко присуство, па затоа беше сериозно погодена за време на кризата – вели Пандур.
Потресните бранови на ковид-19 се чувствуваат во сите културни и креативни сектори, а особено во сценските уметности со пад од 90 отсто во споредба со 2019 година, потврди истражувањето. Музиката исто така била сериозно погодена со пад од 76 отсто, додека визуелната уметност, архитектурата, рекламирањето, литературата, издавачите на весници и аудиовизуелниот сектор паднаа за 20 до 40 отсто. Притоа, индустријата за видеоигри е единствената што преживеа и покрај пандемијата.
– Разбирањето на дигиталните можности во рамките на индустријата, а со тоа и едукацијата на засегнатите страни во индустријата и зајакнувањето на компетенциите и меѓусебната соработка и поддршка на другите сектори, е она што ќе осигури дека индустријата ќе продолжува да расте и ќе стане поотпорна на секаков вид претстојни предизвици. Побрза врска, висока резолуција и понатамошен развој на технологиите, секое ново искуство, како што се концертите како дел од видеоигрите, може да го направат тоа искуство уште поконкретно, а во исто време и отпорно на пандемија – заклучува Пандур.
Кризата ќе има силно и трајно влијание врз целиот синџир на вредности на културната и креативната индустрија. Во отсуство на значително продолжение на офлајн производството, дистрибуцијата и промоцијата во 2021 година, способноста на културните и креативните индустрии да ги одржуваат и да ги зголемуваат инвестициите во нови проекти, создавањето и иновациите ќе бидат сериозно загрозени. Податоците од истражувањето покажале дека 46 отсто од испитаниците нема да се чувствуваат пријатно да одат на концерт со месеци, а дури 21 отсто со години.
Како резултат на длабинско истражување и интервјуа и врз основа на мислења на експерти и организации што ги претставуваат културните и креативните индустрии, идентификувани се три предизвици како приоритети за закрепнување и раст на креативната економија. Првиот предизвик се финансиите, што вклучува обезбедување силна јавна финансиска поддршка и промовирање на приватни инвестиции во културни и креативни претпријатија, организации, претприемачи и креативци. Вториот предизвик е наречен зајакнување и се однесува на промовирање на разновидните културни понуди на ЕУ преку обезбедување солидна правна рамка, што овозможува развој на приватни инвестиции во производство и дистрибуција. Оваа рамка им обезбедува на деловните субјекти неопходни услови за соодветно враќање на инвестицијата и гарантира соодветни приходи за авторите и креативците. Третиот предизвик е импакт и претставува употреба на културните и креативните индустрии и мултиплицираната сила на милиони нивни индивидуални и колективни таленти, како главен двигател на социјалната и општествената транзиција во Европа.