Долгогодишниот канадски период на Албахари, за време на кој тој продолжи да пишува и редовно да објавува на српски, бара поопстојна анализа во однос на тоа како тој влијае врз неговиот поетички развој, со романот „Снежниот човек“ како меѓник, и со „Описот на смртта“, „Едноставност“, „Цинк“ од една, а „Мамец“, „Гец и Маер“, „Лудвиг“ од друга страна. Во врска со поврзаноста на животните и творечките етапи кај Албахари може да се проследи и балканскиот историјат на постмодернизмот од Киш и Пекиќ, од неговите авангардни, иновативни и некомформистички растројувања на реалистичките, но, особено, и на модернистичките канони, па преку доминацијата на постмодернистичките стратегии, особено во прозата, со Албахари, хрватските „борхесовци“ (и Павиќ, секако) и низа тогаш млади автори, до реакцијата на повторливоста и истрошеноста на постмодернизмот во новиот милениум, и афирмацијата на нови раскажувачки светогледи, од пост (или транс)-постмодернизмот до новиот журнализам.
Во меѓувреме, се случуваат силни промени во геополитичката, оттаму и геопоетичката слика на нашиот континент. Голем број писатели од Источна Европа, па и од Балканот, се селат и го афирмираат своето дело на Запад. Тоа не е новост во однос на претходната епоха – во првата половина на 20 век не мал број писатели голем дел од своето творештво го создаваа надвор од татковината. Хенри Џејмс, Џојс, Ман, „изгубената генерација“ кај американските прозаисти, Набоков… Но во времето на глобализмот, писателите што, најчесто поради политички, но и поради промотивни причини, емигрираат „на Запад“, се сѐ повеќебројни.
Во збирката интервјуа на Бранка Богавац „Разговори во Париз“ што неодамна ја консумирав со сласт, таа разговара со видни светски автори од кои повеќето живеат и создаваат во Париз – Кундера, Јонеско, Сиоран, Љоса, Милош, Кадаре, Гао Сингџиан, Сињавски, Макин… Без оглед дали станува збор за бипатриди, апатриди или автори што емигрирале во европскиот велеград и таму се вдомиле, сите, и покрај несомнените претходни поголеми и помали страдања во своите татковини, го прифатиле Париз како свое прибежиште, но и отскочна штица за успешната рецепција на своето дело низ светот.
За разлика од нив, Лудвиг (како и Павиќ), иако своите ѕвездени мигови на светска слава ги распостелува, со голем број преводи и исто толку голем број воодушевени странски одгласи, останува во својата држава. За разлика од авторот на романот, Албахари, кој на друг далечен континент, во студена, снежна клима, продолжува со својата писателска дејност.
(продолжува)