На конкурсот за „Современи бајки од Македонија“, кој започна на први јули и траеше до 17 август 2020 година, пријавени се 442 бајки од 316 автори од земјава. Новиот конкурс го реализираат движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ – Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс ламина“.
Пристигнатите авторски творби во следниот период ќе бидат селектирани, а ќе ги оценува стручно жиро, кое ќе избере четири бајки што ќе бидат илустрирани и издадени како посебни сликовници. Поединечната награда за откуп на авторските права на една бајка ќе изнесува 25.000 денари. Се очекува избраните бајки да бидат објавени до крајот на годината.
– Нашата основна идеја беше традиционалното творештво да го доближиме до младите генерации, на нов и модерен начин. Со голема посветеност и ентузијазам работевме на модернизирање и илустрација на бајки од македонското народно творештво. Во рамките на овој проект трајните вредности ги „оживеавме“ за модерните генерации и издадовме 54 бајки од Македонија, а големиот интерес за нив нѐ инспирира да создадеме можност за нови современи бајки, кои во иднина ќе станат дел од македонската литературна историја – истакна Ангелка Пеева-Лауренчиќ.
„Современи бајки од Македонија“ следува по големиот успех на претходните изданија „Бајки од Македонија“ и „Басни од Македонија“.