Изложбата од Музејот на африканската уметност во Белград поврзана со „Скопскиот џез-фестивал“ ќе биде отворена вечерва
„Духовите на Африка: ритуална западноафриканска уметност“ е насловот на двомесечната изложба што вечерва, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена во Музејот на Македонија, како резултат на неговата соработка со Музејот на африканската уметност во Белград. Овој белградски музеј во својата обемна колекција содржи предмети од повеќе народи од Африка, а за изложбата во Скопје се селектирани скулптури, маски и ткаенини поврзани со култовите на плодноста и предците, како и со обредите за иницијација и погребувања.
На оваа изложба, која е најавена како еден од најголемите музеолошки настани во изминатиот период и прва презентација на африкански експонати во земјава, посетителите ќе можат да видат мноштво скулптури и маски што се дел светското културно наследство. Поради тоа, но и поради врските со африканската култура, изложбата е поврзана и со програмата на „Скопскиот џез-фестивал“, кој ќе се реализира во истиот период.
– Со оглед на ексклузивноста на изложбата, предвиден е нејзин софистициран дизајн, кој ќе овозможи поамбиентално доживување на уметничките вредности и на обредната улога на експонатите – најавуваат од Музејот на Македонија, каде што во следните два месеца, во рамките на изложбата, ќе се одржуваат предавања и работилници поврзани со африканската култура, ќе има музика, како и проекции на документарни и играни филмови.