ЗАТВОРЕН КОНКУРСОТ ЗА КРАТОК РАСКАЗ НА „НОВА МАКЕДОНИЈА“

Вкупно 211 раскази пристигнаа на годинашниот Конкурс за краток расказ на „Нова Македонија“, кој го распишавме на први септември, а кој беше отворен за сите заинтересирани пишувачи, заклучно со 30 септември. Во наредниот период жирито ќе ги разгледува и препрочитува пристигнатите ракописи, а резултатите ќе бидат објавени на 29 октомври, годишнината од излегувањето на првиот број на нашиот весник.
Автентични и иновативни теми, коректна јазична структура, стилска разноликост и вешта раскажувачка техника се некои од основните критериуми по кои ќе се раководи жирито при одлучувањето. Одлуката ќе биде донесена по сериозно препрочитување на пристигнатите ракописи и по одржувањето неколку состаноци, на кои изборот ќе се стеснува.
По доделувањето на наградите, редакцијата на „Нова Македонија“ ќе ги објавува избраните раскази во прилогот за култура ЛИК, кој излегува секоја среда.
Објавувањето на краткиот расказ во весниците сигурно не служи за пумпање на тиражите, но факт е дека весникот „Нова Македонија“ низ годините успеа да направи бренд од Конкурсот за краток расказ, кој, патем, е во тек и кој годинава го бележи своето 61. издание од почетоците, а дванаесетто од возобновувањето на весникот.

Колку и да се чини застарена идејата за објавување расказ во дневниот печат, годините ни покажаа дека овој жанр има свои приврзаници, и меѓу авторите и меѓу читателите. Без скромност можеме да заклучиме дека токму „Нова Македонија“ во нашата средина ја создаде културата на читање на кратките раскази. Кај нас ретко кој медиум му посветува преголемо внимание, иако гладот на читателите за оваа книжевна форма е повеќе од очигледен. Затоа иницијативата на „Нова Македонија“ да го негува расказот на домашните автори е од голема важност. Оваа акција практично го прероди жанрот.