Најголемо внимание, според германските медиуми, привлекува Фатих Акин, германскиот режисер со турско потекло, кој веќе има добиено важни награди на фестивалите во Берлин и во Кан, како и на Европските филмски награди, а на Берлинале го претставува филмот „Златна ракавица“. Филмот зборува за убиец на жени од 1970-тите
Главната натпреварувачка програма на тековното 69-то Берлинале, на кое Македонија има свој претставник – филмот на Теона Стругар Митевска, е потпрен на проверени имиња, а другите селекции ветуваат интересни дела на помалку познати автори. Каква е конкуренцијата со која ќе се натпреварува македонскиот „Господ постои името ѝ е Петрунија“?
Веројатно поучени од минатогодишното искуство на храбри исчекори во непознатото и контроверзни награди, селекторскиот тим на Берлинскиот филмски фестивал годинава подготви релативно конзервативна програма, па во главната натпреварувачка селекција се главно познати режисерски имиња. Меѓу најзвучните наслови е „Бај д грејс оф гад“ во режија на Франсоа Озон. Овој пат плодниот француски филмаџија се занимава со вистинит случај на педофилија во Католичката црква во Лион, во манир на психолошка драма и трилер.
Тука е и новиот филм на Ањешка Холанд, „Господин Џонс“, снимен на англиски јазик, кој ја донесува приказната за новинарот Герет Џонс, кој на западната јавност ѝ го откри Сталиновото злосторство над украинскиот народ. Со одредена репутација во Берлин доаѓа и шпанската режисерка Изабел Коичет. По филмот „Книжарницата“, кој беше прикажан лани надвор од конкуренција, овој пат таа ќе ја претстави историската лезбејска романса „Елиза и Марчела“.
Иако едно од непишаните правила гласи дека со домашните автори треба да се биде претпазлив на големите фестивали, ова веројатно не важи во случајот на Фатих Акин. Во фокусот на неговиот нов филм „Златна ракавица“ повторно е вистинита приказна, овој пат за серискиот убиец Франц Хонк, кој оперирал во Хамбург во 1970-тите години, ловејќи жртви во барот по кој е насловен филмот.
Со историски и актуелно-политички теми се занимаваат и два од трите филма на кинеските автори на кои исто не е лошо да се смета кога се наградите во прашање. Ванг Сиаошуаи, добитник на наградата на жирито на Берлиналето во 2001 година, се натпреварува со филмот „Соу лонг, мај сан“, драма што го следи ефектот на „кинеското економско чудо“ на примерот на две брачни двојки од 1980-тите до ден-денес. Ветеранот Жанг Јимоу ќе ја претстави љубовната приказна „Една секунда“ за робијаш и бездомничка во добата на кинеската културна револуција.
Најпријатно изненадување во официјалната конкуренција би можел да биде фуриозниот трилер „Пиранас“ на режисерот Клаудио Џованези, снимен по мотивите на книгата на Роберт Савијан, познат по филмски и ТВ-екранизираниот роман „Гомора“ за неаполската мафија. За љубителите на нешто пожешкиот артхаус-израз тука е и квебечкиот автор Дени Коте со остварувањето „Гоуст таун антолоџи“.
Филмовите во главната селекција главно се звучни и релативно комерцијални наслови на кои фестивалската гала-премиера ќе им помогне во натамошната промоција. Сепак, треба да се обрне внимание и на режисерското првенче на бразилската и интернационална глумачка ѕвезда Вагнер Моура, најпознат по главната улога во серијата „Наркос“. Моура доаѓа во Берлин со филмот „Маригела“, кој се занимава со судбината на насловниот лик, писател, политичар и борец против воената диктатура.
Што се однесува до филмовите од регионот на поранешна Југославија, особено оние на воени теми, кои со години беа присутни во Берлин, може да се каже дека е поминат тој „воен бран“ на фестивалот. Тоа се совпаѓа со свртувањето кон теми што не се по секоја цена поврзани со воените случувања од 1990-тите. Така и покрај големата конкуренција, годинава на Берлинале влезе филм во главната програма од овој регион – „Бог постои, името ѝ е Петрунија“ на Митевска, како копродукција на Македонија, Словенија, Белгија и Хрватска. „Бев дома но“ на германската авторка Ангела Шанелец е уште еден филм во главната програма во која свои прсти имаат вмешано продуцентски куќи од регионот на Југоисточна Европа, овој пат Србија.
На Берлинале, кое ќе трае до 17 февруари, ќе бидат прикажани вкупно 400 филма, од кои во натпреварувачката програма се 17 филма што конкурираат за една од главните награди. Темите се разнолики, од семејни до оние за родова рамноправност, како и теми поврзани со периодот на детството и исхраната. Во главната селекција се и седум филма режирани од жени што е куриозитет во однос на другите фестивали од А-категорија.
На чело на жирито е француската глумица Жилиет Бинош.